Австралија планира целосно искоренување на пушењето, цигарите достапни само со лекарски рецепт – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/20 4:40 PM

Австралија планира целосно искоренување на пушењето, цигарите достапни само со лекарски рецепт

Во Австралија, во рамките на новиот план за потполно искоренување на пушењето, на страстните пушачи ќе им треба лекарски рецепт за да купат цигари, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Австралиската Влада има за цел да ја намали стапката на пушење од 15 проценти на 10 проценти, низ целата земја до 2025 година.

Затоа, Центарот за квалитет, финансиран од Универзитетот во Квинсленд и Националниот совет за здравствени и медицински истражувања, изготви нов план со кој практично ќе се искорени пушењето.

Во рамките на планот, подготвен од Центарот за квалитет, целта е во следните 5 години цигарите да бидат достапни само во аптеките преку рецепти.

Директорот на Центарот за квалитет, д-р Корал Гартнер, наведувајќи дека во рамките на планот нивната прва цел е да биде отежната набавката на тутунските производи, рече дека тоа ќе започне со намалување на бројот на трговците на мало со тутун.

Меѓу другите планови се и да не се продаваат цигари на оние што се родени по одредена година и постепено укинување на продажбата на цигари. А тоа значи дека пристап до цигари ќе се има само преку лекарски рецепт.

Потсетувајќи дека Австралија е лидер во светот во однос на мерките преземени против пушењето, д-р Корал Гартнер рече:

„Стапката на пушење во Австралија е нешто помалку од 15 проценти, но потребна ни е добро дизајнирана финална стратегија за да постигнеме стапка на пушење близу до нула.“

Тутунски производи користат 2,3 милиони Австралијци, што одговара на околу 15 проценти од населението во земјата.

Во земјата пушењето е забрането во затворени простории, влезови на згради, плажи и улици што се многу фреквентни.

Во земјата пушењето секоја година се намалува за 0,4 проценти. Владата има за цел таа стапка на намалување да стане 1 процент.

Австралија е на првото место меѓу земјите во светот каде што цигарите се продаваат најскапо.