Потребите на заедницата во фокусот на Локалниот совет за превенција во Штип и Свети Николе – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/20 3:21 PM

Потребите на заедницата во фокусот на Локалниот совет за превенција во Штип и Свети Николе

Препознавање на важноста на Локалниот совет за превенција како механизам од областа на превенцијата за заедничка и здружена акција во насока на обезбедување и решавање на актуелните потреби, проблеми и предизвици во заедницата е во фокусот на серијата работилници што од Штип и Свети Николе ги започна ЗГ Медиа плус. Во присуство на членовите на ова тело и претставници на граѓанскиот сектор, беше презентирана законската рамка за работата и можноста за вклучување на експертизата на гражанскиот сектор во различните меѓусекторски теми за расправа од интерес на заедницата.  Со оглед на тоа дека превенцијата е клучниот аспект во работата на Советите, од особена важност е да се нагласи потребата од негово активирање и функционалност.

Состојбата со ковид – 19, одредени горливи проблеми што ги наметна овој нов начин на живот што го предизвика вирусот, организирање на учениците, безбедноста на граѓаните предизвикана од некои комунални пречки, се само дел од точките што можат да се најдат на дневен ред на Локалните совети за превенција. Од страна на присутните беше искажан ставот дека се гледа местото на ова тело, кое всушност е помошно тело и врска на заедницата и локалната власт со останатите институции, како МВР, Центар за социјални работи, Основното јавно обвинителство.

Присустните имаа можност низ пример со веќе решени проблеми и потреби на граѓаните во минатото, да добијат слика за начинот на работење.

Во Штип има активна Советодовна граѓанска група, која работи на превенцијата и безбедносните прашања, меѓутоа во Свети Николе, решавањето на овие прашања се препуштени само на Локалниот совет за превенција.  И во двете општини Локалниот совет до сега не покажал поголема активност, поради што беше кажано дека обуката доаѓа во вистинско време, кога пред членовите има голем број на предизвици и прашања за решавање.

Од работилницата во Штип како предлог за следна расправа на Локалниот совет за превенција да биде покренување на иницијатива за безбеден пристап од автопатот Штип – Миладиновци за жителите на населеното место Кадрифаково. На овој дел изминатата недела беше прегазена 43 –годишна жена, која почина на лице место, при преминување на патот откако слегла од автобус, на враќање од работа.

Следните две работилници на Медиа плус се планирани за Битола (14.10) и Струга (15.10).

Работилниците се дел од проектот  „Здружени сме посигурни и побезбедни“ на Здружение на граѓани Медиа плус се спроведува во осум општини: Штип, Свети Николе, Битола, Струга, Карпош, Гостивар, Гевгелија и Крива Паланка во рамките на програмата Цивика мобилитас. Активностите на проектот се во функција на засилување на соработката на граѓаните и граѓанските организации со Локалните совети за превенција и безбедност. Целта е да се придонесе за зголемено граѓанско учество, што ќе има за резултат поуспешно решавање на проблемите на граѓаните.

 

Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Здружени сме посигурни и побезбедни” за ЗГ Медиа плус од Штип, која е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на ова аудио е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас.