Во Австралија во универзитетски кампус се урна кров од зграда во изградба. Во несреќата животот го загуби едно лице, а двајца се повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Еј-би-си њуз“ (ABC News), во западноавстралискиот град Перт се урнал стаклениот кров од зградата на Универзитетот „Кертин“ во 12:30 часот по локално време. По несреќата на самото место пристигнале екипите за итни состојби.
Амбулантните екипи на службата за прва помош на организацијата „Сент Џон“ соопштија дека во несреќата животот го загубило едно лице, а дека две лица се префрлени во болница.
Претставниците на Универзитетот упатија повик до персоналот и студентите да стојат подалеку од местото на несреќата.
По несреќата со дрон е снимен објектот во изградба, а на снимките се гледаат урнатиот стаклен кров и скелето.
Засега не се знае колку лица се наоѓале во зградата во моментот на уривањето на кровот. Спасувачките екипи продолжуваат со спасувачката акција во обид да утврдат дали има и други луѓе под урнатините.