Убиени дури 114 луѓе за време на викендот во Мексико – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/20 12:34 PM

Убиени дури 114 луѓе за време на викендот во Мексико

Изминатиот викенд дури 114 луѓе ги загубија животите во насилните настани што се случија во различни градови на Мексико, известува Анадолија (АА).

Во дневниот извештај на Кабинетот за безбедност се наведува дека изминатиот викенд во различни насилни настани низ Мексико, во државите Пуебла, Гванахуато и Мичоакан, животот го загубија 114 лица, претежно во судирите на криминални банди.

Власта информира дека од почетокот на овој месец досега во земјата се извршени 890 убиства, додавајќи дека таа бројка одговара на 80 убиства дневно.

Посочувајќи дека изминатиот месец во Мексико во насилните настани животот го загубија 2.315 лица, претставниците на власта истакнуваат дека таа бројка одговара на 77 убиства на ден.

Иако безбедносните сили во рамките на операциите што ги спроведуваа со цел да им се стави крај на зголемениот број убиства во земјата ги приведоа Ел Маро и Хозе Антонио Јепес, лидерите на картелот „Санта Роса де Лима“, сепак продолжува тенденцијата за зголемување на бројката на убиства.

Откако Фелипе Калдерон, поранешниот претседател на Мексико, во 2006 година ја започна борбата против картелите во земјата, а неговиот наследник Енрике Пења Нието агресивно ја продолжи, борбата на безбедносните сили влезе во ќор-сокак. Во бранот насилства што ја зафати земјата животот го загубија над 300.000 лица, а повеќе од 340.000 Мексиканци ги напуштија своите живеалишта.

Иако не се наведува колкава е бројката на убиени во меѓусебните судири на картелите или во судирите со претставниците на безбедносните сили, познато е дека најголемиот број од убиствата се поврзани со насилството на картелите.