Продолжуваат жестоките судири во Нагорно Карабах: Загинале 542 војника само од ерменска страна – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/20 9:36 AM

Продолжуваат жестоките судири во Нагорно Карабах: Загинале 542 војника само од ерменска страна

Судирите меѓу eрменските и aзербејџанските вооружени сили во врска со отцепениот регион Нагорно Карабах продолжуваат, при што обете страни се обвинуваат меѓу себе за кршење на примирјето договорено со посредство на Русија. Азербејџанското Министерство за одбрана ја обвини ерменската страна дека не го почитува хуманитарниот договор за прекин на огнот, велејќи дека ерменските војници „повеќепати се обиделе да ги нападнат позициите на азербејџанската армија“. Од друга страна ерменското Министерство за одбрана соопшти дека Азербејџан интензивно го гранатира јужниот фронт.

Во меѓувреме, етничките ерменски официјални лица во Нагорно Карабах соопштија дека во борбите со Азербејџан загинале уште 17 војници, со што вкупниот број на воени жртви достигна 542 од почетокот на борбите на 27 септември.

Од првите конфликти за Нагорно Карабах пред три децении, досега вкупно загинале околу 30.000 луѓе, наведува агенцијата „Интерфакс“.