Заев: Предлозите на Бугарија не се добрососедски ниту европски – ММС
ММС

Објавено на: 10/12/20 8:56 AM

Заев: Предлозите на Бугарија не се добрососедски ниту европски

Северна Македонија се уште е во исчекување на јасна потврда од Бугарија за поддршка за старт на преговорите со ЕУ, односно одржувањето на Меѓувладината конференција за време на германското претседателство до крајот на годинава, откако Софија порача дека пред отворање на пристапните преговори треба да се надминат недоразбирањата за историските прашања.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека разговорите за време на посетата минатата недела во Софија на министерот за надворешни работи Бујар Османи со премиерот Бојко Борисов биле добри, но разговорите меѓу министерката Екатерина Захариева и министерот Османи не биле баш добри. Тоа што е предложено од таа страна, оцени Заев, не е ниту добрососедство, ниту братство, а најмалку е европско.

-И ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември. Но јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение. Ја прифативме заедничката историја и општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија како нешто што е составен дел од нашето минато. Имаме своја посебна историја и македонскиот народ и РС Македонија и бугарскиот народ или Република Бугарија, рече Заев вчера одговараќи на новинарско прашање по пуштање во работа на далекуводот Неокази – Пробиштип.

 

Тој изрази уверување дака заедно со премиерот Борисов ќе изнајдат решение за проблемите за земјата да продолжи по европскиот пат.

-Уверен сум дека постојат решенија на проблемите, но дефинитивно знам дека јас и Бојко ќе изнајдеме решенија на ваквите прашања заради тоа што решивме пет историски личности и постојат записници за нивно заедничко чествување и три историски периоди и постојат записници за нивно заедничко чествување. Верувам и овој следен четврти ќе го решиме. Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев за да не сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме се што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат. Затоа што нашиот сон е Европа која што го признава и целосно го почитува правото на самоопределување.Ние сме Македонци коишто зборуваме македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и кај нашите соседи, посочи премиерот Заев.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак изјави дека ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка на патот на нашата евроинтеграција, тогаш, нема да ја заслужи придавката во своето име „европска” и не кажа дека знае дали ќе можеме да веруваме во таква Европска Унија.

 

– Мора мудрост и почит, нема пријателство без взаемна почит. Сите што сакаат македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели мора да не прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, а ние зборуваме македонски јазик.Без елементарна почит не може да се развива блискост или пријателство Никој друг на светот, ниту една друга држава, соседнака или подалечна, нема право да се меша во нашето право на самоопредлување, изјави Димитров вчера  по положувањето цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп.

Прашањата, вели, ќе се решаваат на линија на европските принципи и додаде дека во ерата на 21 век, правото на самоопределување на сите народи, вклучувајќи го и македонскиот народ, е неспорно.

-Процесот што го почнавме со Бугарија во однос на разговор за наративите од заедничкото минато што не поврзува, мора да има и прифаќање на реалноста. Историјата не може да ја смениме, сегашноста можеме, можеме да обезбедиме подобра иднина. Сака мудрост од двете страни, рече Димитров.

Во меѓувреме, по пауза од речиси една година, нова средба на Заедничката експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања е закажана за в четврток и петок, во Скопје.

Од средбата минатата недела во Софија Османи и Захариева изразија очекување дека Комисијата ќе ја забрза работата и дека ќе успее да испорача резултати пред 10 ноември, кога во Софија треба да се одржи самит на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји. Посетата на Османи на Софија, беше најавена како претходница на средбата на премиерите на двете држави Заев и Борисов за која се уште не е утрден датум, но треба да се случи пред 10 ноември.

 

МИА