Шпанецот за историска 13-та, рекетот број еден за втора титула на еминентниот Гренд Слем турнир, „Ролан Гарос“.
Утре на „Филип Шатрие“ во Париз, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал по којзнае којпат ќе ги вкрстат рекетите во обид за освојување на уште еден голем трофеј.
Приказните за младите генерации во надоаѓање, генерацијата која ќе ја замени „светата тројка“ Федерер, Ѓоковиќ и Надал, уште еднаш не се остварија во тениска пракса.
Српскиот тенисер приближно четири часа помина на „шљаката“ на „Филип Шатрие“ во полуфиналето против грчкиот најдобар тенисер, Стефанос Циципас.
Неискористената меч топка, откако водеше 2:0 во сетови, го чинеше Ѓоковиќ час и четириесет минути продолжување на двобојот. Дваесет и двегодишниот Грк и веќе ветеранот Ѓоковиќ, изиграа меч за паметење со среќен крај за првиот на АТП листата. Циципас изигра одлично, манифестираше сериозна посветеност, ментална сила, храброст и покажа дека е иднината на тенисот. Но не и сегашноста. Сегашноста е Новак Ѓоковиќ и сегашноста е Рафаел Надал.
Решавачкиот сет на љубителите на играта не му донесоа неизвесност и возбудливост како во изминатите четири, бидејќи Ѓоковиќ рутинирано го освои со 6:1 и закажа нов финален дуел против лутиот шпански ривал.
За разлика од Ѓоковиќ, Надал во полуфиналното соочување со Диего Шварцман полесно ја заврши својата задача. Убедливо го „избриша“ Аргентинецот со 6:3, 6:3 и 7:6 и му се одмазди за минатомесечниот пораз на истата подлога во Рим.
Утрешното финале ќе биде 56 дуел на Надал и Ѓоковиќ во нивната богата историја и трето финале на „Ролан Гарос“. Доколку Шпанецот победи на турнирот кој во позадина го носи неговото име и презиме, ќе го пристигне Рожер Федерер и неговиот рекорд од 20 титули на Гренд Слем турнирите. Доколку победи неговиот опонент, тоа ќе биде неговата 18-та титула и ќе им „дише во врат“ на другите двајца.