ВМРО-ДПМНЕ утре ќе протестира против „политички реваншизам“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/20 3:29 PM

ВМРО-ДПМНЕ утре ќе протестира против „политички реваншизам“

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за утре најави нов протест на нова тема – против реваншизмот и теророт врз граѓаните и политичките неистомисленици.

Претходните протести ВМРО-ДПМНЕ ги одржа поради поскапувањето на струјата и за „членство во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев“.

Според опозициската партија, Македонија е заробена држава од страна на мафијата на власт чија главна одлика се реваншизмот и теророт врз сите граѓани, нивни неистомисленици.

– Оваа ненародна власт зема од лебот на народот, за да стави во сопствениот џеб.
Стотици луѓе низ цела држава, кои не се истомисленици со Зоран Заев и неговите луѓе се тероризираат и се преместуваат на работни и по повеќе од 50 километри од нивното место на живеење. Оние кои не можат да ги скршат ги бркаат од работа, и оставаат цели семејства со 3 и 4 деца без леб.
Тоталитаризмот на оваа власт го зема својот данок. СДСМ нема проблем да отпушти самохрана мајка од работа, а уште помалку да врши мобинг на работно место.
Додека народот нема опција за преживување, тие купуваат луксузни вили на Халкидики.
За Заев школки, за народот трошки – Ова е суровата реалност со СДСМ и Заев, се вели во соопштението од партијата.

Протестот е најавен за утре во 18:30 пред Министерството за правда. Од таму ќе се движат до Министерството за информатичко општество и администрација.