Многу светски научници и здравствени експерти потпишаа изјава против евентуалното повторно воведување карантин. Речиси 6.000 експерти веруваат дека таквата мерка може да има разорно влијание врз физичкото и менталното здравје врз личноста, како и врз општеството. Тие бараат заштитата да биде насочена кон најранливите групи, а здравите луѓе да продолжат со животот, пишува ББС, а пренесува „Индекс.хр“.
Движењето против карантинот почна во САД, а декларацијата досега ја потпишаа речиси 6.000 научници и медицински професионалци во светот, како и 50.000 граѓани.
Експертите од Велика Британија, кои ја потпишаа декларацијата, сметаат дека повторното воведување карантин пред да станат достапни вакцините може да предизвика непоправлива здравствена штета. Тие истакнуваат дека ризикот од зараза со коронавирус е 1.000 пати поголем кај болни луѓе или постари лица. Како што расте имунитетот на населението, потписниците на декларацијата веруваат дека ризикот од зараза се намалува за сите групи – вклучително и за критичните.