(Галерија) Музичарите и угостителите ги кажаа своите барања, протестот демонстративно заврши со ди-џеј сет од ноќните клубови – ММС
ММС

Објавено на: 10/7/20 3:58 PM

(Галерија) Музичарите и угостителите ги кажаа своите барања, протестот демонстративно заврши со ди-џеј сет од ноќните клубови

На протест пред Влада, денеска естрадните уметници со аплауз се поддржаа меѓусебно. Заедно со угостителите и свадбените работници, порачаа дека се силни и бараат или да работат или да бидат обесштетени, во спротивно повторно ќе излезат на улица.

Даниел Сидовски, организатрот на протестот и претставник на музичарите, рече дека не бегаат од тоа да се работи по протоколи и побара од Владата да им се дозволи да работат во угостителските објекти и да изготват протоколи за работата на ноќните клубови и за организирање свадби.

Во име на свадбарските работници се обрати Екрем Мимиши, кој рече дека бараат итно да се донесе протокол за семејни прослави и свадби, бидејќи соседните земји веќе имале.

– Протоколот од соседните земји предвидува дистанца, големи санитарни и хигиенски услови, намален број на гости на маса, дозволен музички настап и соодветно капацитетот дозволен број на гости. Ниту еден брачен пар не донел одлука да направи свадба од денес до утре со 200 луѓе, вели Мимиши.

Според него критериумот по кој се доделува финансискиот грант е нелогичен и несоодветен, бидејќи овие угостителски капацитети имаат најмалку годиштен промет. Сметаат дека финансиската помош треба да биде сразмерно на ланскиот прикажан промет.

Претставникот на ноќните клубови Горан Арсовски, рече дека клубовите имаат далеку подобри услови од кафе-баровите – во однос на вентилација.

– Ние можеме дури и да донесеме побезбедни протоколи за работа – столче за секој како што е во баровите, четворица на маса, мерење температура на влез, електронска продажба на карти или да се стават картите во сметката. Бината секако кај нас е подигната на повисоко ниво и на некој начин можиме да се заштитиме, вели Арсовски.

Претставник од ноќните клубови не се обрати од бина, туку тие демонстративно пуштија ди-џеј сет.