Пандев разочаран: Некои луѓе не ми испратија ниту порака да ме прашаат како сум – ММС
ММС

Објавено на: 10/7/20 11:57 AM

Пандев разочаран: Некои луѓе не ми испратија ниту порака да ме прашаат како сум

Македонската фудбалска легенда и лидер на оваа генерација која се наоѓа многу блиску до конечното остварување на целта – Европско првенство 2021 година, Горан Пандев, после неколкудневни перипетии во врска со неговото доаѓање од Италија во Македонија, пристигна во Скопје и утре ќе ја предводи Македонија во полуфиналето од баражот на Лигата на Нациите.

Фудбалерот на Џенова на прес-конференцијата во пресрет на дуелот истакна дека е многу среќен што после многу напори конечно се нашол помеѓу своите репрезентативни колеги и изрази благодарност до инволвираните страни кои помогнале во таа цел.

Сепак, кај Пандев имаше и доза разочараност поради тоа што постоеле луѓе од федерацијата и фудбалот воопшто, кои во екот на ширењето на коронавирусот во фудбалскиот клуб Џенова, во ниту еден момент не прашале за неговата здравствена состојба, првенствено.

-Сакам најпрво да им се заблагодарам на сите кои помогнаа за моето доаѓање овде. Најзаслужни се селекторот, генералниот секретар на ФФМ, директорот во Џенова и луѓето во амбасадата во Италија. Знаеме сите колку беше тешко. Но има и луѓе кои воопшто не прашаа каква е ситуацијата. Како е Горан? Една порака барем да пуштеа. Добро, можеби се зафатени со градење терени, изјави капитенот.

Тој уште еднаш ја нагласи важноста на овој меч и истакна дека разговара постојано со младите, како ментор кој има огромно искуство во големи натпревари и има играно финале во Лигата на Шампионите.

-За мене ова е последна шанса да играм на големо натпреварување. Огромна е желбата да победиме. На овој народ, особено сега, потребна му е радост, додаде Пандев.

Македонската фудбалска репрезентација утре од 20:45 на арената „Тоше Проески“ ќе го угости Косово во рамките на полуфиналето во плејофот во Лигата на Нациите. Доколку Македонија успее да го совлада Косово, ќе игра во финалето за Европското првенство против подобриот од мечот Грузија-Белорусија.