Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се обрати пред европратениците попладнево откако беа објавени извештаите за реформскиот напредок на земјите од западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.
Еврокомесарот истакна дека Северна Македонија одржала стабилен напредок во делот на реформите, посебно владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
-Дискусиите се во тек во Советот за предлог преговарачката рамка и се надевам дека меѓувладините конференции ќе се одржат под сегашното претседателство, доколку бидат усвоени, рече Вархеји.
Европската Комисија ги поднесе предлог преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија до земјите членки на почетокот на летото. Земјите членки треба, според календарот на германското претседателство, во ноември да ги усвојат, со евентуални измени.
За Северна Македонија главен проблем се барањата на Бугарија која бара да се додадат елементи поврзани за билатералните спорови што ги имаат Скопје и Софија.
Албанија, од своја страна, има низа дополнителни услови пред сѐ поврзани за владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Еврокомесарот Вархеји порача дека Тирана остварила значаен напредок во реформите за ЕУ во последните месеци. Тој смета дека одвојувањето на Скопје и Тирана би било грешка.
Вархеји утре ќе отпатува во регионот, посетата ќе ја започне во Северна Македонија.
МИА