Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) детектира ризици од корупција во тендерите на државните и на општинските претпријатија во истажувањето „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините” што денеска го објави на линкот https://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/103?Category=2.
Ризиците од корупција, како што порачуваат од ЦГК, се мапирани врз основа на длабочински мониторинг на тендерите на 37 акционерски друштва и претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга. Во 2019 година, овие претпријатија склучиле договори за јавни набавки во вредност од 247 милиони евра, што е 27 отсто од вкупните јавни набавки на земјата.
-Слабостите констатирани во анализата ја потврдија потребата од засилување на интегритетот и намалување на ризиците од корупција во јавните претпријатија и акционерските друштва, велат од ЦГК.
Прецизираат дека се констатирани ризици од корупција кои се манифестираат преку чести и значајни измени на плановите за јавни набавки, како и преку ниската реализација на плановите.
-Кај 16 од 37 претпријатија, реализацијата на плановите за јавни набавки е пониска од 50 отсто. Највиско ниво на реализација на планот имало АД МИА со 96 отсто, а најниско АД Водостопанство од само еден отсто, е еден од клучните наоди во анализата на ЦГК.
Покрај тоа, констатирано е дека концентрацијата на една фирма во јавните набавки на одредена институција, како еден од најрелевантните индикатори за постоење на ризик од корупција, е проблем којшто е евидентиран кај голем дел од анализираните претпријатија и акционерски друштва.
-Кај речиси една третина од нив, концентрацијата на набавките кај една фирма е поголема од 40 отсто. Според вредноста на договорите најголем удел на една фирма има кај АД Електрани, а според процентуално учество во АД Водостопанство, велат од ЦГК.
Според нив, третина од таргетираните претпријатија ја применувале нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Високи удели на овие набавки во вкупната вредност на набавките се евидентирани кај Службен весник, со 28 отсто и кај Градски паркинг Скопје, со 22 отсто.
-Кај дури 20 од 37 таргетирани претпријатија уделот на поништени постапки е повисок од 20 проценти. Честите поништувања на тендерите претставуваат индикатор за постоење ризик од корупција. Најголеми поништувања на тендерите имале МЖ Транспорт, Национални шуми и ЈСП Скопје, покажуваат резултатите од анализата на ЦГК.
Големи разлики се констатирани во цените на набавките на ист вид производи и услуги и тоа од 24 до 120 проценти.
-Еден мегаватчас елктричната енергија е купуван по цени од 4.738 до 5.888 денари. Еден топ хартија за печатење ( бела боја, 80 грама и А4 формат) е купуван од 158 до 349 денари. Претпријатијата им плаќаат на агенциите за обезбедување, за едно лице за физичко обезбедување на месечно ниво 24.255 до 36.875 денари. За привремени вработувања се користени услуги од специјализираните агенции на кои им се плаќала провизија од 0,01 до 8,90 отсто од бруто примањата на работниците. Нафтените деривати, пак, се купувани по највисоките малопродажни цени,велат од ЦГК.
Истражувањето „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините” е изработено во рамките на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија” со финансиска помош од Амбасадата на Kралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 октомври 2019 година до 30 септември 2021 година.