Погреб нема, но има денови на жалост- „Последен поздрав“ за ноќниот живот осамна на социјалните мрежи – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/20 3:25 PM

Погреб нема, но има денови на жалост- „Последен поздрав“ за ноќниот живот осамна на социјалните мрежи

По одлуката на Владата да се забранат гостувањата на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти, на социјалните мрежи осамна „последен поздрав“ за ноќните клубови.

Во вид на некролог, се известува дека „по долги несогласувања со режимот битката ја загуби нашиот драг урбан живот“, при што е додадено дека погреб нема да има но дефинитивно следуваат денови на жалост.

Владата вчера на својата редовна седница усвои нови протоколи за работа на угостителските објекти. Се ограничува бројот на гости – од претходните 12 сега на четири лица кои ќе можат да седат на една маса. Се забранува гостување на пејачи и ди-џеи, а се ограничува и гласноста на музиката на 55 децибели.

Комисијата за заразни болести ваквата препорака ја оправдува со големиот број на новозаразени, со зголемување во возрасната група меѓу 20 и 30 години.

Од Туристичко – угостителската комора при ССК реагираат дека поради прекршувањата на протоколите од страна на одредени угостителски објекти не треба да се казнуваат сите.

Од НУК пак најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите бидејќи не им требаат „крпеници од протоколи“ кои само ќе допринесат младите и гостите од угостителските објекти да бараат алтернативни решенија за забава и групирање.

За во среда протести најавија естрадните уметници и угостителите.

Ваквиот некролог се појави во две варијанти – жална вест за ноќниот живот и за ноќните клубови.