Глутница кучиња нападнала стадо кози во гостиварско Здуње – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/20 3:32 PM

Глутница кучиња нападнала стадо кози во гостиварско Здуње

Тринаесет кози од стадото на Саит Узаири биле нападнати и изгризани од глутница бездомни кучиња. Од трлото, две грла исчезнале и најверојатно се жртва на несекојдневниот напад.

Сведок на настанот бил Дурмиш Бајрами кој за локалната телевизија Глоби сведочи дека кучињата биле неверојатно крволочни, бидејќи како што вели тој, сопственикот и други соселани не успеале да го одвратат кучињата од крвавиот пир. Правеле врева, светеле со батериски ламби, запалиле и оган, дури и со стапови се обиделе да ги набркаат, но кучињата биле многу агресивни. Од местото заминале со плен: две кози. По нападот на местото со тешки повреди останале 13 кози.

Настанот бил пријавен во полицијата, подрачната единица за земјоделство.

Од СВР Тетово информираат дека вчера (4 октомври) во 10 часот и 10 минути, А.У.(50) од гостиварско Здуње, пријавил дека во текот на ноќта (3/4 септември) кучиња-скитници влегле во штала, сопственост на неговиот татко, во која се наоѓале кози. По нападот, една коза пцовисала, а се 13 повредени.

На местото на настанот дошол тим од ветеринари и увидна екипа и било извршено вештачење.

Дежурниот ветеринар Небојша Ивковиќ од ветеринарната станица Труст-Вет, потврди дека козите се потешко повредени од каснувања и гребаници од канџи на кучиња. Тој нагласи дека повеќето од нив имаат мали изгледи да преживеат или нема да бидат корисни, доколку преживеат.

Нападот врз стадото на Узаири е еден од низата кои во овие месеци се случуваат во атарот на селото Здуње. Сашо Кировски, кој живее во близина на местото каде што се случи „масакрот”, вели бездомните кучиња често напаѓаат луѓе и животни. Тој тврди дека кучињата кои го нападнале стадото претходно биле истоварени од камион. Кировски е револтиран и искажува загриженост, бидејќи како што вели: Ако денес нападнаа стадо кози, утре ќе ги нападнат децата што одат на училиште.

Покрај козите, на семејството Узаири им настрадаа и десетина кокошки, кои се нашле на патот за кучињата. Саит видно потресен од случката, не сакаше многу да зборува, но за него е нејасно како кучињата успеале да прескокнат оградата со висина од 1,50 м и да влезат внатре. Според неговите проценки штетата предизвикана од крвавиот напад на бездомните кучиња надминува три илјади евра.