Aстон Вила го понижи шампионот Ливерпул, Тотенхем и Мурињо броеја до шест на „Олд Трафорд“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/20 12:40 PM

Aстон Вила го понижи шампионот Ливерпул, Тотенхем и Мурињо броеја до шест на „Олд Трафорд“

,,Во ред, нека ја исклучи некој симулацијата. Мора да постои некоја грешка во системот“, беше најчестиот коментар на просечниот навивач кој вчера барем пет минути одгледа некој од натпреварите од четврото коло во Премиер Лигата.

Неверојатен ден, со неверојатни резултати и случувања, но токму и затоа Премиер Лигата е најдобрата и најквалитетната фудбалска лига во светот.

Кој би помисли дека после „дождот“ од голови на „Олд Трафорд“, ќе следува уште еден потрес на фудбалското тло, ни помалку, ни повеќе, седум голови во мрежата на Ливерул?

Да одиме по ред. Мурињо се врати на „местото на злосторот“, сокривајќи го јужнокорејскиот репрезентатиец Сон од јавноста и опонентските тактички планери и после три одиграни компетитивни натпревари во седум дена. Сон беше тајниот џокер на португалскиот стратег и нескромно мислење е дека Сон беше играчот кој всушност и беше причина број еден за остварениот резултат на тимот од северен Лондон.

Мечот за Оле Гунар Солскјер започна како од соништата. Веќе во триесеттата секунда Дејвисон Санчез доцнеше и го фаулираше Ентони Марсијал во шеснаесетникот. Ентони Тејлор не се двоумеше и покажа на белата точка, таму стандардно Бруно Фернандес прецизно стрелаше и му донесе Манчестер Јунајтед рано водство. Што се случи подоцна и на кој начин, тоа е прашањето на кое треба да одговори норвешкиот тренер, додека пак фановите ќе размислуваат уште некое време.

Три минути потоа, панична реакција во шеснаесетникот на домаќинот. Хари Мегваер, Лук Шо и Ерик Баји, не успеаа да ја исфрлат топката од петте метри на Де Геа, а Французинот, Тангуј Н’домбеле одлично ја искористи ситуацијата и го совлада шпанскиот чувар на мрежата. Фаулот на англискиот репрезентативец и капитен на Јунајтед, брзо го изведе Хари Кејн во седмата минута и го „исфрли“ Сон во еден на еден позиција со Де Геа. Сон, кој според Мурињо требаше да отсуствува можеби и неколку месеци, мирно ја протна топката и му донесе на Тотенхем пресврт за само шест минути.

На половината од првото полувреме, конфликтот помеѓу Ентони Марсијал и Ерик Ламела заврши со лош епилог за Французинот. Марсијал доби црвен картон и мораше да ја напушти играта поради „насилниот акт“ кон поранешното крило на италијанска Рома. Ентони Тејлор се чини дека донесе исправна одлука за исклучувањето на Марсијал, но по правило жолтиот картон за Ламела мораше да биде заменет со друга боја.

Манчестер остана со играч помалку, Тотенхем не простуваше. Сега во обратни улоги, Сон му асистираше на Кејн за 1:3 во 30-тата минута, а самиот во 37-та минута погоди за 1:4 на полувреме.

Во исто темпо момците на Мурињо продолжија и во вториот дел. Орие по одличниот пас на Хојбјерг го матираше од непосредна близина голманот на Манчестер Јунајтед. Продорот на резервистот Бен Дејвис во 78-та минута беше санкциониран како пенал по прекршокот на Пол Погба. Хари Кејн го дотолчи противникот и го постави конечниот 1:6 резултат.

Последниот двобој на вчерашната програма пред интернационалната пауза, ни под разно не навестуваше таков развој на настаните. Ливерпул гостуваше на „Вила Парк“ кај екипата која минатата сезона одвај „жива глава“ спаси во последното коло. Новото засилување на тимот на Дин Смит, Оли Воткинс, го отвори натпреварот со гол во четвртата минута по грешката на Адриан, принудната замена за повредениот Алисон Бекер. Џек Грилиш ја прибра топката и го проигра некогашниот фудбалер на Брентфорд кој со леснотија погоди за 1:0. Истиот играч по додавање повторно на Грилиш, на средината од полувремето го дуплираше водството и ги манифестираше своите квалитети кои го направија најскапо платен играч на Астон Вила во овој трансфер период.

Египетскиот репрезентативец Мохамед Салах десет минути подоцна намали на 2:1. Toгаш сите пред малите екрани сигурно имаат помислено „ех, толку траеше, сега ќе направи камбек Ливерпул како и секогаш“. Овојпат тоа не беше случај. Не само што Ливерпул не успеа да направи камбек и да освои три бода, Ливерпул беше понижен, на Ливерпул му беше одржана лекција по фудбал.

До крајот на првиот дел домаќините „летаа“ по теренот и постигнаа уште два гола. Шутот на МекГин се одби од играчот на противникот и заврши во мрежата на Адриан. Воткинс по додавањето на Трезеге постигна хет-трик уште во првиот дел против актуелниот шампион. За него совршен хет-трик, лева нога, десна нога, глава.

Клоп менуваше, Минамино влезе на местото од Наби Кеита, но новата аквизиција од Челзи, Рос Баркли, го искористи третото успешно додавање на Грилиш и ја смести топката позади резервниот голман на Ливерпул. Салах, единствениот расположен за игра вчера, намали на 5:2.

Феноменалната партија на Грилиш, мораше да биде валоризирана и со по некој гол. Воткинс проигра, Грилиш во 66-тата минута постигна гол за 6:1, a само девет минути откако се запиша во листата на стрелците, неговото име се најде уште еднаш во официјалната гол-статистика. МекГин со многу сенс помеѓу одбраната на Ливерпул му додаде на Грилиш, овој „зицер“ ситуација не промаши. Астон Вила седум, Ливерпул два.

Не првоаприлска шега, Астон Вила и Тотенхем заедно постигнаа 13 голови против Ливерпул и Манчестер Јунајтед. Ако досега сцената била резервирана само за „големците“, сега сцената е реервирана за Тотенхем и особено Астон Вила. Барем до следното коло по двонеделната пауза.

Од останатите резултати, за кои веруваме дека никој не се ни сеќава, ниту знае дека се одиграле такви мечеви, Лестер разочара на домашен терен против Вест Хем и загуби со 0:3. Саутемптон рутинирано до втора по ред победа против ВБА, додека Арсенал потешко од очекувањата го совлада Шефилд Јунајтед кој останува без бодови по првите четири кола на стартот. Волвс минимално го победи Фулам со 1:0, победничкиот гол за „волците“ го постигна Педро Нето.