Алијев потврди дека азербејџанската Војска го ослободила градот Џебраил и неколку села – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/20 7:52 AM

Алијев потврди дека азербејџанската Војска го ослободила градот Џебраил и неколку села

Азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, потврди дека градот Џебраил и неколку села, претходно окупирани од ерменската Војска, се ослободени, пренесува Агенција Анадолија (AA).

„Денес, азербејџанската Војска го ослободи градот Џебраил и неколку села кои беа под окупација. Да живее азербејџанската Војска. Карабах е Азербејџан“, наведе Алијев на својот профил на Твитер.

Министерството за одбрана соопшти дека азербејџанската Војска го ослободила Џебраил, важно стратешко подрачје во регионот Карабах.

„Според информациите од веродостојни извори, азербејџанската Војска по селата Бујук Мерџанли, Маралјан и Шејбеј, го ослободила и градот Џебраил, што е од клучна важност во регионот Карабах“, наведе азербејџанската Армија.

На 27 септември, ерменските сили извршија нови напади врз азербејџанските населби и позиции, а азербејџанските сили одговорија со напади врз ерменските позиции.

Ерменските власти потоа прогласија општа мобилизација и воена состојба поради судирите во регионот на Нагорно Карабах, а и властите на Азербејџан исто така прогласија воена состојба во 19 подрачја, вклучувајќи го и главниот град Баку. Од 1991 година ерменската Војска илегално го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.

Четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупаторските ерменски сили од Нагорно Карабах и од седум други окупирани азербејџански региони.