Владата ги прифати предложените мерки на Комисијата – нема веќе пејачи и ди-џеи по кафулињата – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/20 8:05 PM

Владата ги прифати предложените мерки на Комисијата – нема веќе пејачи и ди-џеи по кафулињата

Владата на вечерашната седница ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири, потврди министерот за здравство Венко Филипче.

– Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица, посочи Филипче во изјава за ТВ 21.

Пртетходно, Филипче изјави дека ова се апсолутно оправадни мерки и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат.

– Секако ја пратиме ситуацијата и понатаму доколку треба имаме план и за дополнителни рестрикции ако тоа се изнуди, изјави Филипче.

Тој посочи дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале, како есенски бран по завршување на годишните одмори.

– Имаме зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години, изјави Филипче.

Министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.

Според него, за ваквите и за други мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, кало зголемена загаденост на воздухот.