Откако на социјалните мрежи се појавија видеа од настап на Владо Георгиев во скопски локал каде не се почитуваат препораките, со писмено соопштение реагираше Асоцијацијата на Ивент Индустријата ИВАП.
Прашуваме, како е возможно да се дозволат овие музички настани, зошто не се спречени за да се намали евентуално ширење на вирусот туку отпосле се пишуваат казни и се поднесуваат кривични пријави за кои никој од нас не знае дали имаат завршница? – наведува Асоцијацијата во денешното соопштение.
Дали Владата е свесна дека со премолчувањето и несанкционирањето на ваквите појави директно влијае на уништување на цела една индустрија во државава, а тоа се организаторите на настани, промоторите, културните работници? Зошто Владата и надлежните доволуваат за некого да се мајка, а за некого маќеа? По кој член од протоколот за организација на настани работат угостителските објекти? Зошто на културните настани е дозволено само седење и со 30% исполнетост на капацитетот, а во угостителските објекти овие правила не важат? – прашуваат од Асоцијацијата.
Од таму исто така, сакаат да знаат како се исплатени хонорарите на странските артисти кои настапуваа изминатиов период и дали и каде е платен персоналниот данок? Дали се пријавуваат влезници за настаните и дали за нив е платен ЗАМП од 10%? Дали и како се продаваат влезници и дали за нив е платен ДДВ од 18% Дали и колку се издаваат фискални сметки на пијалоците за време на овие настани? Дали угостителскиот сектор, кој Владата го декларираше како најзагрозен станува најзагрозувачки? – се додава во соопштението.
Оваа Асоцијација е децидна дека фирмите за организација на настани се на чекор пред затворање, но почитувајќи ги владините протоколи се обидуваат да преживеат. Фирмите од овој сектор бараат да се санкционираат сите угостителски објекти кои ги прекршуваат протоколите. Угостителите не се организатори на настани ниту промотори. Тие имаат своја дејност и начин за заработка, ние ги имаме само настаните – велат од Асоцијацијата од каде најавуваат дека доколку нема санкци ќе преземат радикални чекори.