Економијата во време на корона и што ќе се случува на економски план во толку многу очекуваниот и посакуван пост-корона период, беше темата во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“. Гостин во скопското студио на радиото беше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Бетиќи, во штипското – Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет на УГД, а од Виена, каде што сега работи во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, се вклучи Бранимир Јовановиќ.
Во рамките на емисијата беше емитуван и новинарскиот прилог на Весна Крстева за последниот, четврти антикризен владин пакет мерки, кој „тежи“ 470 милиони евра и со кој треба да бидат опфатени повеќе од 600.000 луѓе. Коморите и синдикатите главно се задоволни од мерките, но се очекува дали мерките успешно ќе се имплементираат. За тоа во прилогот зборуваа Даниела Арсовска од ССК, Златко Цветковски од ССМ, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, Иле Николов од штипска „Актива“, а телефонски во емисијата се вклучи Борис Сидовски од Независната комора на угостители.
Вицепремиерот Бетиќи истакна оти Владата направила максимални напори последиците од корона-кризата на економски план што помалку да се чувствуваат и во добар дел успеала во тоа. Нагласи дека, покрај другото, показател за тоа бил и релативно малиот број луѓе, околу 12.580, што останале без работа директно поради корона-кризата. Тој одговори и на новинарското прашање зошто се определил за СДСМ, а не, на пример, за ДУИ:
– Како и другите, ДУИ е партија со мноштво луѓе во автобусот. Се качуваат, се симнуваат. „Автобусот“ на ДУИ е речиси преполн, а има едно пет-шест „батковци“ што тојат на вратата и цело време ја држат затворена. Тој што сака да влезе мора да се протне низ прозорец или некако откај возачот. Во СДСМ наидов на отворени врати и таму сум – рече Фатмир Бетиќи.
Бранимир Јовановиќ направи споредба на состојбите меѓу Македонија и Србија во периодот на коронакризата од март-април наваму.
– Се очекуваа слични економски резултати во двете соседни земји. За Србија беше проектиран пад од три, а за Македонија од четири отсто. Кога излегоа податоците за вториот квартал од годината, се покажа дека Србија има пад од шест, а Македонија од 13 проценти. Тоа е огромна разлика. Ова се должи и на тоа што српската Влада многу повеќе трошеше и вложуваше во економијата. Во Македонија тоа беше многу помалку, трипати под предвидените 500 милиони евра. А, и сите не беа потрошени на вистински начин. Се дадоа пари и таму каде што не беа многу потребни – на казина, обложувачници, на „Систина“, „Брако“… – истакна Јовановиќ.
Слично зборуваше и професорот Дарко Лазаров, кој е и претседател на Комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ.
– Само 30 до 33 отсто или околу 180-190 милиони евра досега се потрошени од предвидените средства со досегашните владини антикризни пакети, што значи дека Владата не се снаоѓа. Многу лошо е и со капиталните инвестиции, кои мора да бидат стратегиска цел. Имаме поразителни резултати во делот на реализацијата на капиталните расходи или инвестиции – само пет отсто од буџетот – рече Лазаров.
На прашањето на водителот на емисијата Столе Наумов дали тој би се приклучил да помогне ако биде повикан од тимот на Бетиќи, Лазаров одговори:
– Во интерес на државата, секогаш сум подготвен на соработка.
– Дарко, пријателски, сакав за ова да ти се јавам в понеделник, но, ете, излезе порано – ќе бидеш ли дел од екипата или не? – праша Бетиќи.
– Ти благодарам, одговори Лазаров.