Корона: Проститутките во Германија смеат повторно да работат – ММС
ММС

Објавено на: 10/2/20 7:06 PM

Корона: Проститутките во Германија смеат повторно да работат

Сексуалните работници се меѓу најмногу погодените од корона-кризата. Половина година не смееја да работат. Сега во многу германски покраини се повторно со муштерии.

Штефани Кле има загубено многу, но не и хуморот. На прашањето колку години има, проститутката одговара со насмевка: „Не, нема да ви кажам, знаете дека сите курви лажат“.

Вистината е дека Кле е на возраст од 58 години. Таа е основач и глас на сексуалните работници како претседател на Сојузот на сексуални услужни дејности. Се’ уште е ужасно лута: „Политиката во време на корона со нас се однесуваше бедно, сосема свесно не’ превидоа. Она што се случува со нас, проституките, не го интересира никого! Притоа, ние сме барем исто толку системски релевантни колку и фризерите.“

Вишиот управен суд Минстер ја укина одлуката за забрана на сексуални услуги во покраината Северна Рајна Вестфалија, во повеќето други покраини сексуалните работници исто така смеат повторно да работат. „Многумина не знаеја како да си го наполнат фрижидерот со храна наредниот ден, немаа финансиски залихи и мораа да позјамуваат пари“, вели Кле. Особено очајни се жените од источна Европа: „Тие делумно овде плаќаа даноци, а сега не добиваат ниту основно осигурување поради тоа што се во странство.“

Проституцијата – губитник во корона-време

Кога би се направила листа на најголемите губитници во корона-кризата, тогаш проститутките би биле сигурно на неа. На 16 март сите германски покраини донесоа забрана за сите сфери на сексуална дејност – бордели, улична проституција, сауна-клубови… Се’ беше затворено од денеска до утре, официјално. Додека многу жени од источна Европа набрзина го напуштаа најголемиот бордел во Европа, „Паша“ во Келн, и си заминуваа во татковините други проститутки работеа и натаму, онлајн, нелегално и честопати без заштита.

Зашто, најстариот занает на светот не може тукутака наеднаш едноставно да се забрани. Кога Кле пред неколку недели со колешките влегла во борделот со цел да размислат како би изгледала понуда на секс во време на корона, телефонот ѕвонел без прекин, а  а вратата исто така постојано доаѓале муштерии. „Мажите постојано се обидуваа да одржат контакт, па макар и само малку да поразговараат“, се сеќава Кле.

На браншата и’ се заканува иста судбина како на баровите и рестораните. Банкрот им се заканува на многумина, зашто „долговите се превисоки, а сигурно нема и сите муштерии да се вратат“ стравува Штефани Кле.

Борделите се едно, но како би требало да изгледа купувањето секс во иднина, со корона, дистанца и обврска за носење заштитна маска? „Ќе бидеме покреативни и ќе мора да се потсетиме на сексуалните практики кои порано малку ги потиснавме во втор план или кои сме ги заборавиле. Помалку механички“, вели Кле потсмевајќи се.

Бесцелно е да се забранува проституцијата

За проституција можеш да се бориш, како што тоа го направи Штефани Кле, која пред 20 години успешно тужеше и се избори за свој приход, со што го отвори патот за признавање на сексуалната дејност, или пак можеш да ја осудуваш и да се обидуваш да ја забраниш, како што тоа го прават организации за човекови права и политичари кои го осудуваат сексуалното искористување и силувањата, или пак на проституцијата можеш да гледаш прагматично, како што тоа го прави Ане Росенбах:

„Забраните не ни помагаат, тоа го покажа и короната. Проституцијата си продолжува. Сега проститутките повторно може да заработуваат и да се вратат во легалност.“

Росенбах работи во базата, во Социјалната служба на католички жени во Каритас, Келн, и од почетокот на годинава има советувано повеќе проститутки отколку што во нормални услови советува во текот на цела година. Таа ставала кредит на мобилните телефони за да овозможи повици во Романија, снабдувала пакети со прехранбени намирници и помагала при исполнување на формуларите за социјална помош.

Росенбах гордо укажува на успешниот проект на северот од Келн, кој веќе го имаат копирано повеќе други градови – легална улична проституција, со тоалети, тушеви и автомати за храна, кој веќе 20 години има поддршка од сите партии во градската управа и социјалните служби: „Во контејнер за советување здравствената служба и ние од Каритас сме присутни 365 денови во годината. Им стоиме на располагање на жените за совет. Досега речиси и да сме немале некаков насилен напад.“

Целни програми за почеток на нов живот

Германија, според Росенбах, со години им давала погрешни понуди на сексуалните работници кои сакаат да започнат нов живот и сакала сите проститутки директно да ги ангажира во системот за нега. Ане Росенбах ги гледа прво биографиите – дали некој прекинал студии, или обука на некое работно место, со кои може повторно да продолжи? Програмата за напуштање на проституцијата што од неодамна ја нуди Социјалната служба на католички жени, се вика „Рахаб+“.

Росенбах во 1999 година работела на законот за проституција. Две децении подоцна, на прашањето што сега треба да се презема во оваа сфера, таа одговара: „Неопходна е борба против сиромаштијата во Бугарија и Романија за да се ’исуши’ еден дел од проституцијата. И, овде, во Германија здравствените служби треба да се пополнат со доволно персонал, за да не се грижат само за надзор во училиштата и за патиштата на инфекција, туку и за лицата кои се занимаваат со проституција.“