Турската и грчката воена делегација постигнаа заемна согласност за општите принципи за Источниот Медитеран на состаноците во седиштето на НАТО во Брисел, соопшти турското Министерство за одбрана, јавува Анадолија (АА).
По телефонскиот разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, планирани се низа технички преговори меѓу турската и грчката воена делегација.
„Турција и Грција постигнаа заемна согласност за генералните принципи во воените делегации на состанокот во седиштето на НАТО во Брисел. Следниот состанок, на кој ќе се дискутираат техничките детали за координацијата за безбедно функционирање на елементите во Источен Медитеран, се планира да се одржи во седиштето на НАТО на 5 октомври 2020 година“, се наведува во соопштението.
Турската и грчката воена делегација одржаа низа технички разговори, почнувајќи од 10 септември, во седиштето на НАТО во Брисел, за да дискутираат за Источниот Медитеран.
„Шестиот круг на разговори беше одржан во вторникот“, соопштува турското Министерство за одбрана.