Со почитување на сите протоколи, вчера успешно започна новата учебна година во државата. Во над шестотини основни и средни училишта учениците со маски на лицето и држење дистанца по точно седум месеци, конечно седнаа на училишните клупи. Останатите ученици пак, наставата ќе ја следат онлајн, се додека епидемиолошката состојба тоа го наложува.
Физички на наставата во најголем дел присуствуваат најмалите, поточно ученици од прво до трето одделение. Што се однесува до оние од повисоките одделенија, повеќето од нив учат на далечина, преку онлајн платформата и со емитување на часови на Националната телевизија.
Според надлежните, сите училишта вчера подготвено ја почнаа учебната година и сите мерки и протоколи за настава со физичко присуство се исполнети. Набавени се термометри, средства за дезинфекција и сите се запознаени со новите услови за одржување на наставата.
Според министерката за образовамие и наука Мила Царовска, во најголемиот дел од училиштата, наставата од далечина успешно започнала на првиот училишен ден. Таа вели дека проблеми и понатаму ќе има, но тие тековно ќе се бидат решавани.
За дигитализацијата на наставата, министерката додаде дека само за еден месец е направен децениски скок во системот, обучени се наставниците, а и учениците се заинтересирани за онлајн-настава затоа што, рече, тоа е нивната природна средина.
– Предизвикот е пред сите нас и треба да покажеме дека образовниот систем може да се носи и во вакви вонредни околности. Ќе имаме многу предизвици, оваа годона ќе биде поразлична и треба да бидеме флексибилни. Не сме тука затоа што сакаме, туку затоа што мораме, рече Царовска при вчерашната посета на училиштето „Јан Амос Коменски”, нагласувајќи дека се важни заштитата на јавното здравје и обезбедување континуитет на образовниот процес.
Освен платформа преку која учениците онлајн ќе ја следат наставата, од Министерството за образование и наука соопштија дека ќе се емитуваат и часови на македонски и на албански јазик на Националната телевизија. Распоредите на часовите од прво до деветто одделение се објавени на веб-страницата на Министерството.
Од Министерството посочија дека се во постојана комуникација со тимот од ФИНКИ и Бирото за развој на образование којшто работи на платформата, но испратија и апел до директорите, наставниците, родителите и учениците да се придржуваат на строгите мерки за заштита од Ковид 19, бидејќи тие се клучни за спречување на ширење на заразата.
-МОН има два приоритетa – заштита на здравјето на сите учесници во образовниот процес и обезбедување пристап до образование за секое дете. Бојкот на наставата целосно го деградира образовниот процес, а најголемата штета од ова ја трпат токму децата. Образовниот процес мора да продолжи – клучно за развојот на секое дете е да ја следи наставата, без разлика дали е тоа онлајн, или со физичко присуство, посочија од Министерството.
Апелираат сите да останат посветени и доследни на одговорноста која, како што велат, секој од нас ја носи во заштита на здравјето на децата, но и на јавното здравје.
Почитувањето на здравствените протоколи не е едноставно, особено за најмалите за кои носењето на заштитни маски по осум часа на училиште може да претставува вистински предизвик. Сепак, министерот за здравство Венко Филипче смета дека ова не би претставувало никаков ризик за децата, и оти тоа е единствениот начин да се спречи трансмисијата на вирусот.
– Нема контраиндикација за носење маски кај таа категорија деца на таа возраст. Не може да очекуваме никакви компликации, никакво пореметување на нивниот развој, станува збор за сосем безбедна препорака, родителите апсолутно не треба да стравуваат, нагласи Филипче.
Тој посочи дека доколку епидемиолошката состојба остане стабилна, во ноември ќе дозволат уште некои одделенија да бидат со физичко присуство во училиштата.
МИА