Интер и Конте сезонава не се шегуваат, „петарда“ во мрежата на Беневенто – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 7:40 PM

Интер и Конте сезонава не се шегуваат, „петарда“ во мрежата на Беневенто

Во заостанатото вонредно коло во италијанската Сериа А, новајлиите Беневенто го пречекаа актуелниот вице-шампион Интер на домашен терен и забележаа тежок пораз. Главните кандидати за освојувањето на Скудетото сезонава, покрај трансформираниот Јувентус, без посериозни потешкотии се прошетаа на „Чиро Виџорито“ и до врв ја наполнија мрежата на Лоренцо Монтипо.

Мароканскиот репрезентативец и некогашен играч на Реал Мадрид, Ашраф Хакими, уште еднаш изигра маестрална партија и покажа дека Интер можеби конечно ја пронајде замената за бразилскиот десен бек Маикон. Уште во првата минута од дуелот успешно го проигра најдобриот стрелец и поединец на Интер изминатата сезона, Ромелу Лукаку, а овој продолжи онаму каде што застана.

Дека бековите беа круцијални за Интер на овој меч, како што и впрочем тие се во секоја формација и екипа на Антонио Конте, ни потврди и 25-тата минута од натпреварот кога Ешли Јанг му додаде на Гаљардини за 0:2.

Три минути подоцна Лукаку стрелаше уште еднаш за 0:3, a поранешниот младинец на Рома, Џанлука Капрари, го ублажи водството во 34-тата минута. Феноменалното полувреме на Интер го потврди Хакими при крајот на полувремето и екипата од Милано замина на пауза со три голови предност.

Вториот дел за вице-шампините претставуваше полесен тренинг и класична рутина. Лаутаро Мартинез по асистенцијата на Алексис Санчез ја „пукна петардата“, додека пак Капрари уште еднаш беше расположен и го оконча 2:5 резултатот на семафорот.

Нападот на Интер во првите два натпревари во кампањата 2020/21 e поприлично ефикасен. Во првото соочување со Фиорентина на „Џузепе Меаца“, сино-црните стрелаа прецизно четири пати.

За потсетување, Интер не настапи во првото коло на отворањето на сезоната во Сериа А, поради обврските кои ги имаше во Европа Лига во пост-корона сезоната 2019/20.

Во вториот натпревар денес, Удинезе изненадувачки загуби на домашен терен од „тазе“ пласираната Специа со 0:2. Бугарскиот интернационалец Андреј Галабинов во два наврати ја погоди мрежата на Хуан Мусо.