Азербејџанскиот претседател Алијев: Ако ерменската армија се повлече, судирите ќе престанат – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 6:01 PM

Азербејџанскиот претседател Алијев: Ако ерменската армија се повлече, судирите ќе престанат

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, соопшти дека стратешките точки во Карабах се ослободени од окупацијата и нагласи дека единствениот услов на Азербејџан е повлекување на ерменската Армија за судирите да престанат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Алијев во болница ги посети азербејџанските војници повредени при нападите на Ерменија.

Во изјавата за време на посетата, Алијев рече:

-Што прават ерменските војници на азербејџанска територија? Народот на Ерменија нека не ги испраќа своите деца на азербејџанска териториија. Ние се бориме во нашата земја. Нашите војници стануваат шехиди во својата земја. Ја ослободуваме нашата земја.

Посочувајќи дека азербејџанската Армија изведува успешна операција во Карабах, Алијев рече:

-Ние ослободувајќи ги стратешките ридови и некои населби од окупаторите после долго време влеговме на тие територии. Тука го поставивме нашето знаме. Никој повеќе не може да не истера од овие територии.

Нагласи дека Азербејџан ќе го врати својот територијален интегритет. „Ерменскиот народ треба да го разбере ова. Околу 30 години окупира територија на друга земја, ги уништи сите градби и историски места таму, протера над 1 милион луѓе, изврши геноцид врз азербејџанскиот народ. Тоа се кривични дела.“

Турција е покрај Азербејџан, Азербејџан е покрај Турција

Нагласувајќи дека народот на Ерменија треба да побара одговорност од својата администрација, Алијев рече: „Ерменската администрација изврши геноцид врз Азербејџанците и ги држи под окупација само за да ги остварат нивните лични интереси. Сигурен сум дека ерменскиот народ правилно ќе ги разбере моите зборови. Ние немаме проблем со народот на Ерменија.“

Претседателот Алијев порача дека Ерменија треба да стави крај на својата окупаторска политика.

„Нашата кауза е кауза на правдата. Ние сме во право. И историски гледано, и во однос на меѓународното право. Единствениот услов на Азербејџан е повлекување на ерменската Армија. Ако тие се повлечат, конфликтот ќе престане. Но, ако ова прашање не се реши со преговори, јас истакнав дека Азербејџан ги има сите права овој проблем да го реши со воени средства.“

Азербејџанскиот претседател изрази благодарност до Турција за поддршката во овој процес.

„Од Турција добиваме многу пораки со поддршка. Браќата Турци во пораките велат дека се со нас. Во оваа единствена кауза тие ја изразуваат својата желба да војуваат заедно со нас. Им се заблагодарувам за тоа, но немаме потреба. Азербејџан има моќна Армија. Во името на народот на Азербејџан упатувам благодарност до Турција и до мојот брат Реџеп Таип Ердоган поради неговиот решителен и братски став. Јасниот став на претседателот Ердоган покажува дека Азербејџан не е сам. Турција е покрај Азербејџан, Азербејџан е покрај Турција.“

Подвлекувајќи дека Ерменија се подготвува за нови напади, Алијев рече: „Тие сакаат повторно да ги нападнат нашите населени области и продолжуваат да го прават тоа. Секојдневно се зголемуваат нашите цивилни жртви. Ние никогаш не извршивме напад врз цивилно население. Веднаш штом започнавме со контранапад дадов наредба да не се направи ниту еден чекор против цивилното население во Ерменија.“