Не гледам причина зошто да немаме успешна учебна година, вели Мила Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 1:27 PM

Не гледам причина зошто да немаме успешна учебна година, вели Мила Царовска

Утре започнува официјално учебната година 2020/2021. Ова е процес во кој само сите заедно можеме да успееме, предизвици ќе има многу. Важно е да имаме континуитет во наставата, тоа е поважно од се. Ваков тип платформа може да функционира, изјави денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска.

Истакна дека променетите услови не се само предизвик и пречка, туку напротив се и можност за модернизација на образовниот систем во побрз и пократок рок.

-Во овој краток период овој предизвик ниту беше лесен, ниту останува лесен, но ние не бегаме од предизвиците туку се соочуваме со нив и ги надминуваме на најдобар можен начин. Оваа година ќе биде многу поразлична од другите години поради тоа што пандемијата и тектонските промени нашите животи, а со тоа во многу краток период цeлосно ќе се трансформира системот на образование и учење во нашата државa, подвлече Царовска.

Рече дека е потребна соработка заедно и со родителите и учениците и наставниците и градоначалниците, како и експертската јавност, со цел таа соработка да вроди со плод и на крајот да имаме успешна учебна година. 

-Мора да внесеме повеќе смиреност во овој процес, да дадеме поддршка, зашто секој дополнителен стрес ќе не доведе до погрешна перцепција и вознемиреност кај најмилите – децата. Ова е ситуација за справување со новоста. Секоја промена е тешка. Дигитализацијата е благосостојба за нашето општество и овие наши наставници и кога ќе нема коронавирус, ќе ги имаат дигиталните вештини. Не гледам опција да немаме успешна учебна година, истакна Царовска.

Осврнувајќи се на Националната платформа, министерката рече дека вчерашниот тест на Тимс системот се покажа успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн онака како што е планирано, додека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа кои сé уште не се активни.

-Со задоволство можам да кажам дека ја завршивме успешно обуката на наставниците за користење на платформата. 1.600 наставници ги поминаа обуките од мастер тренерите и станаа училишни обучувачи. Тие понатаму ги обучуваа наставниците во сите училишта во државата. Најважно е што во секое училиште имаме училишни обучувачи кои вештините за работење на платформата ги пренесуваат на нивните колеги и ќе бидат нивна поддршка, нагласи Царовска, додавајќи дека колегите од ФИНКИ во текот на целата учебна година ќе бидат на располагање за наставниците, родителите и учениците, а со цел навремено надминување на евентуални предизвици од техничка природа.

Царовска се осврна и на, како што рече, едно од најгорливите прашања изминатите денови, а тоа е како децата кои немаат компјутери ќе ги следат предавањата, потенцирајќи дека на ниедно дете правото на образование нема да му биде ускратено.

-Сите деца кои немаат опрема, компјутери или од било кои причини не можат да следат настава онлајн, можат истата да ја следат од училница. Доколку пак не можат или родителите одлучиле да не одат во училница за сите ќе биде обезбеден потребниот печатен материјал за да учат дома. Овие ученици ќе бидат во постојана комуникација со наставниците, а сите предавања ќе може да ги следат и на телевизија како снимени часови, рече министерката, додавајќи дека можеби ова не е најидеалното решение, но сепак овозможува опфат на сите ученици за редовно следење на наставата.

Информираше и дека во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите, рече Царовска.

Во однос на системот, Царовска рече дека тестирања кои се важни во вакви процеси обично траат три до четири месеци на вакви гломазни системи.

– Ние имавме вкупно за тестирање три до четири дена и ние сметаме дека процесот на подготовка е успешен и тој тече во континуитет, додаде Царовска. 

Според неа дигитализацијата и тоа што следува заради пандемијата е добробит за нашето општество и живеење. И во учебната 2021/2022 година, ако немаме корона, вели таа, овие наши наставници и ученици ќе имаат дигитални вештини.  

Прашана дали се размислува за субвенционирање на родителите за компјутерска опрема, таа посочи дека за 30 дена можноста за набавка на таков тип опрема во толкав број е невозможен. Токму затоа, како што наведе, се одлучиле за алтернативи – следење на настава на телевизија и достава на материјали и следење на физичко присуство во училница. 

Во однос на барањата на средношколците за комбиниран модел на настава, Царовска нагласи дека веќе е зацртан планот за учебната 2020/2021 година и оти тука не станува збор за желби, туку за реална ситуација и препораки на здравствени експерти. 

-Ако тие дозволат во даден момент, зошто не би ги отвориле училиштата? Училиштата се создадени за да има во нив ученици, но ајде да го следиме овој процес и да донесуваме одлуки што се разумни и да го штитиме јавното здравје, порача Царовска. 

Заменик-министерот Арафат Шабани рече дека сега е моментот да покажеме што научивме од пандемијата, дека почитувајќи ги мерките за заштита и протоколите за работа сите заедно можеме да создадеме модерно образование во вонредни околности што ќе биде со успешен квалитет. Единствената национална платформа за учење од далечина е првиот чекор во тој процес иако доаѓа како диктат на околностите, плтформата ја покажува дигиталната транзиција на образовниот систем што ни беше толку неопходен во овој период.

Координаторката за развој на Националната платформа за учење од далечина Александра Ружин, истакна дека нционлната плтформа се формира во услови на глобална пандемија но со намера да остане цврста и стабилна основа за интегрирање на останати процеси од образовниот систем, со што ќе се придонесе за натамошно унапредување на образованието во земјава, и со тоа ќе се даде придонес кон зголемени компетиции на пазарот на трудот.

-Да се дизајнира и развие он лајн решение кое ќе биде функционално и стабилно и кое ќе биде унифицрано имплементирано во реално време од страна на 26.000 наставници во спроведување на наставата на над 250.000 ученици во над илјада училишта во земјава, е исклучително комплексен и динамичен процес и до денешна временсма дистанца изгледа дури и премногу амбициозно. Но успеавме да краток временски период да ги поставиме основите и да конципираме решение да дизајнираме систем и да го подготвиме за имплементација почнувајќи од новата учебна година, рече Ружин.

Продеканот на ФИНКИ Боро Јакимовски истакна дека факултетот ја презеде одговорноста да ја подготви платформата, при што за неполн месец ја постави инфраструктурата којашто е основата за развој на платформата.

Рече дека платформата тековно има околу 270.000 корисници, на истата се креирани 150.000 предмети и тековно досега се умаат најавено околу 160.000 од корисниците.

-Платформата тековно има околу 270 илјaди корисници, на истата се креирани околу 150 илјади предмети и тековно до сега се имаат најавено околу 160 илјади корисници. Корисничките лозинки беа искреирани и дистрибуирани како за наставниците така и за учениците. Мајкрософт Тимс е делот којшто поактивно ќе се користи во претстојниот период со цел да се одржат онлајн предавањата, а платформата ќе ја ставиме на располагање преку која ќе бидат достапни материјалите како и тестовите и други содржини во електронска форма, рече Јакимовски.

Додаде дека платформата ќе може да го издржи оптеретувањето на голем број корисници. Тој рече дека целата успешност не зависи само од платформата, туку и од системите и податоците кои се во нив. Начин и можност за приклучување, како што нагласи, ќе има.