Луѓето се срамат од нешто за што не се виновни – Со психологот Билјана Стојановска за последиците од ковид-19 врз менталното здравје  – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 7:45 AM

Луѓето се срамат од нешто за што не се виновни – Со психологот Билјана Стојановска за последиците од ковид-19 врз менталното здравје 

Проблеми со спиењето, но и со концентрацијата, разочарување, страв и вознемиреност. Ова се само дел од начините на кои глобалната пандемија со коронавирусот се одразува врз населението, а предупредувањата на оваа тема од страна на стручната фела пристигнаа уште на самиот почеток. Македонски медиа сервис досега разговараше со повеќе психолози кои меѓу другото, советуваа и како да си помогнеме доколку ни создава стрес излегувањето од секојдневната рутина. Сепак, се наметнува и прашањето што актуелната ситуација значи за менталното здравје на заразените со коронавирусот? Дали општествената стигма им создава дополнителен притисок на пациентите? Одговорите ги побаравме од м-р Билјана Стојановска – психолог, психодијагностичар и советник по интегративна и гешталт психотерапија.

Уште на почетокот од пандемијата психолозите предупредија дека новото „нормално“ ќе има влијание врз менталното здравје,  но како  поконкретно  се одразува врз менталното здравје кај оние што се заразиле со коронавирусот? Какви емоции може да се предизвикаат?

Сите се најдовме во нова ситуација, пред сѐ на промена, која секако не е позитивна и која бара емотивна, ментална, физичка и социјална адаптација, која никој не ја планираше. Прво што се јавува е состојба на шок и секако негирањето како одбранбен механизам. Потоа следи стравот и анксиозноста, што е нормално и очекувано за ситуации кога се соочуваме со нешто ново и непознато.  Потоа е веќе потребно активирање на личните капацитети. Секој го користи прво научениот начин на реагирање во ситуација на стрес, но секако отежнувачки е факторот на глобална паника кој се создаде брзо, а брзо предизвика и лутина поради променливоста на вестите за тоа што треба, а што не треба да се прави за да се заштитиме, како и мерките кои се во секоја земја различни. Особено вестите за смртни случаи. Постојано сме изложени на црна хроника, па очекувано е со што го храниме умот, како што рековте новото „нормално“, без никакви информации за заштита на менталното здравје. Затоа и психолозите претпоставија дека последиците по менталното здравје ќе бидат потешки и истите дури по завршување на притисокот од оваа пандемија, ќе се манифестираат посериозно.

Дали и како стресот од неизвесноста на ситуацијата може да се  манифестира физички кај пациентите? Што да направат за да си помогнат?

Поврзаноста и влијанието на психичкото врз физичкото здравје и обратно е нешто за кое имам веќе лично спроведено две поголеми истражувања, но од организациски аспект. Прво нешто врз што влијае стресот е нарушувањето на сонот и хигиената на спиење, како и врз нарушувањата во исхраната. Изолацијата и карантинот, секако значат намалување на движењето и физичката активност, а со тоа проблеми во мускулно-скелетниот систем.  Значи стресот влијае врз пореметување на сите основни човекови потреби, а веќе долготрајниот стрес се манифестира телесно и со психосоматски заболувања.

Јас секогаш ги препорачувам техниките на прогресивна мускулна релаксација, музикотерапијата и физичка активност, за која доколку недостига знаење или мотивација за извршување во домашни услови, може да се приклучи секој на он-лајн програмите за групно вежбање. Техниките на водена фантазија и mindfulness исто така се препорачуваат, но истите се работат со водење од страна на стручно лице-психолог, советник или психотерапевт. Денес и тоа е достапно преку телетерапијата и он-лајн советувањата.

Некои експерти се децидни дека проблемот со психолошкиот аспект на пандемијата со коронавирусот е покомплексен кај пациентите што се деца или тинејџери. Како вие го коментирате ова и се согласувате ли впрочем, дека оваа популација чувствува поголем притисок?

Па јас би рекла дека секоја возрасна група има свои специфични психолошки проблеми, покрај генералните кои се јавуваат кај сите генерации. Некои фактори за тоа се од социјален, некои од финансиски или емоционален аспект, некои доаѓаат со самата развојна фаза во која се наоѓа индивидуата. Кај децата недостига можеби разбирањето за целата ситуација, немаат сѐ уште некои оформени шеми и техники за справување со анксиозност и со промени.  Дополнително, тинејџерите се запознаени со информациите дека тие се најчесто само носители на вирусот, т.е. најчесто се асимптоматски случаи доколку се заразат, што значи дека нивните контакти се ризични за постарите луѓе.  Тинејџерите најтешко го поднесуваат карантинот и полицискиот час, бидејќи за оваа развојна фаза е најкарактеристична потребата од дружење и контакти со врсници.

Моето мислење е дека вистинските последици по менталното здравје кај децата ќе бидат видливи дури по неколку години, но и ќе бидат значајни за целото општество, доколку не се превенираат навреме. Секое дете со кое контактирав, се изјасни дека сака да оди во училиште. Социјализацијата е сведена на виртуелна комуникација и дружење со врсниците преку онлајн игри со содржина која воопшто не е стимулативна за развојот. Препорачувам секој родител да му овозможи на своето дете време во кое ќе има физичко дружење со врсници, некои веќе имаат и роднини или семејни пријатели со деца на иста или приближно иста возраст. За истото секако може да се почитуваат сите мерки за превенција и доволно е да биде група од две или три деца, во парк или најмалку и во домашни услови, во посебен простор за нивна игра и дружење.

Дел од граѓаните преку социјалните мрежи инсистираа на тоа јавно да се кажат имињата и презимињата на пациентите со ковид-19. Како го објаснувате ваквото однесување и стигматизирањето воопшто? Дали и колку паднавме на тестот за емпатија?

Тоа  е една од реакциите на стрес предизвикан од внатрешни фактори-страв. Но, не е корисна мерка бидејќи се работи за индивидуална свесност од една страна на секој подинец да се заштити себе или да ги заштити другите доколку е заразен, но од друга страна, не сме во можност да го знаеме бројот на асимптоматскте носители на вирусот, едноставно зошто има луѓе кои и не знаат дека се носители на истиот. Така што, ова инсистирање и да се реализира не верувам дека ќе има некакви ефекти во однос на превенцијата од ширење на вирусот. Емпатијата за жал е потисната од стравот и паниката.

Поврзана ли е стигмата со стравот или срамот кој го чувствуваат одредени граѓани што имаат симптоми, а не се пријавуваат за тестирање?

Мислам дека тука имаат и влијание секојдневните вести за бројот на хоспитализирани пациенти и смртни случаи, кои се најчесто во болнички услови, па луѓето избегнуваат да одат во здравствени установи и за други физички проблеми, па дури и за хронични заболувања за кои е потребна редовна контрола. Иако е познато дека навременото започнување на медицински третмани е значајно за позитивен исход, сепак стравот и недовербата преминува и во фобични размери од посета на медицински установи. Некои едноставно како што спомнав се заштитуваат преку негирање или преку страв од соочување со можниот позитивен резултат на тестот. Потребна е психоедукација за регулација на емоции, за справување со стрес, распознавање, прифаќање и менување на одбранбените механизми кои не водат кон зрело и урамнотежено психоемоционално функционирање.

Доколку изминатиов период сте работеле со пациенти што го прележале коронавирусот, може ли да ни кажете што е она што како проблем, тие го споделуваат со Вас? Што е она што ги мачи и дали излегувањето од изолација не е доволно за да бидат спокојни?

Прележаниот вирус кај клиентите влијае како трауматско искуство, со сите карактеристични симтоми. Често и избегнуваат да зборуваат за периодот поминат во болница или во изолација. Се забележува чувството на отфрленост и можев да забележам дека заштитните маски ги носат постојано, што укажува на страв или срам за нешто за кое реално и не се виновни. Повлеченоста, депресивното расположение и поддршката од повторно враќање на нормален начин на функционирање се она на што работиме на почеток, сѐ додека не се подготвени да разговараат за трауматското искуство, што е потребно за да се превенира посттрауматско стресно растројство.

Би сакала да спомнам дека веќе се направени истражувања кои откриваат дека карантинот подолг од 10 дена исто така има влијание врз менталното здравје со  пројавени психолошки потешкотии од најразличен тип. Па доколку дојде до таква ситуација, неопходна е навремена психолошка интервенција и поддршка.

Имате и онлајн сесии со граѓаните кои чувствуваат потреба од психолошка поддршка. За што најчесто се обраќаат во овој  период  и колку со помош на новите медиуми, придобивките од Вашата професија може да им се доближат на луѓето?

Да, онлајн сесиите се корисни и достапни, најчесто се применуваат во делот SST-Single session therapy или терапија со една сесија, што во другите земји се применува, особено како дел од психолошка прва помош. Веќе насекаде се вклучени професионалци за ментално здравје по клиниките низ светот или преку телефонски линии за поддршка, каде имаат контакт со лицата кои се заболени од корона вирус или со лицата кои се наоѓаат во изолација или карантин. Тоа е добра превенција за менталното здравје и би било одлично ако се воведе како една од законските мерки за превенција и во нашата земја.

Проблемите за кои се јавуваат луѓето преку онлајн платформата Разговор.мк, каде и јас сум дел од тимот на психолози кои овозможуваат анонимна психолошка поддршка преку пишан или аудио контакт, се најразлични. Некои се јавуваат за акутни, некои за хронични проблеми, некои со желба за личен раст и развој, но можам да забележам дека секогаш се појавува социјалната изолација или намалувањето на социјалните контакти поради превенција, како фактор кој ја отежнува ситуацијата или проблемот, но и како тригер кој активира веќе постоечки психолошки потешкотии или  потиснати содржини. Депресивното расположение, стравовите и фобиите, како и анксиозноста и паничните напади, лутината и гневот насочен кон различни лица или кон себе се во пораст, но и опсесивните мисли и компулсивните однесувања, како последица на дополнителниот страв од заразување со новиот вирус.

 

Вања Мицевска