Франција постепено ќе воведе забрана за употреба на диви животни во циркузите, а ќе биде забрането и воведувањето нови животни во три марински паркови во земјата. Ова денеска го објави министерката за екологија, Барбара Помпили.
Таа изјави дека сегашното време го променило односот кон дивите животни, истакнувајќи дека е време да се отвори нова ера во односите со тие животни.
Според неа, приоритет ќе биде она што претставува добробит за животните. Во три марински паркови во Франција нема да може да бидат донесени делфини или китови. Новата забрана се однесува на патувачките циркузи, а не на трајните поставки каде се претставуваат животни, ниту пак на зоолошките градини. Министерката информира дека дивите животни во циркузите ќе бидат забранети во годините што доаѓаат, но не наведе конкретен датум.
Одредувањето датум не ги решава проблемите – смета министерката.
Што се однесуа до тоа што ќе биде со тие животни кои се околу петстотини на број во француските цикузи, решенијата ќе се разликуваат од случај до случај, но сепак животните не можат да бидат пуштени на слобда.
Владата ќе издвои осум милиони евра за да им помогне на циркузите да се прилагодат на новите мерки. Транзицијата ќе трае неколку години бидејќи тоа ќе им го промени животот на многу луѓе – појасни таа.
Повеќе од дваесет европски држави веќе го ограничија, односно го забранија претставувањето животни.
Фото: novimagazin.rs