Летниот трансфер продолжен период трае до петти октомври, а клубовите кои не си ја завршија домашната задача навреме, сега во последните денови од него ќе се обидат да ја поправат грешката и да си ги засилат ростерите.
Манчестер Јунајтед е во очајна потрага по играч од нападот, откако не успеаа во повеќе наврати да го ангажираат Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд. Последните информации од Островот велат дека Дортмунд ја одбил понудата на Јунајтед од 100 милиони евра и дека нема намера да се откаже од еден од најдобрите свои фудбалери.
Во таа насока, Оле Гунар Солскјер бара алтернативни решенија, а како такви се споменуваат имињата на Единсон Кавани, кој засега е без клуб и би дошол на Олд Трафорд како слободен играч и Лука Јовиќ од Реал Мадрид. Доколку Манчестер се реши за српскиот репрезентативец, ќе мора првенствено да го донесе како позајмен играч.
Новинарот на „Скај Спорт Италија“, Џанлука Ди Марцио, пишува дека „црвените ѓаволи“ сериозно размислуваат на овие евтини и остварливи решенија и во следните неколку денови ќе ги интензивираат преговорите со поранешниот ас на ПСЖ и некогашниот напаѓач на Ајнтрахт Франкфурт.
Исто така, англиската екипа е во потрага по лев бек и е во активни преговори со бразилскиот дефанзивец на Порто, Алекс Телеш.