Груевски заслужи да биде казнет – вели Жерновски по пресудата за „Насилство во Центар“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/29/20 2:47 PM

Груевски заслужи да биде казнет – вели Жерновски по пресудата за „Насилство во Центар“

Пресудата за случајот „Насилство во Центар“ која беше изречена денеска е важна за да испрати порака до сите дека никој не е над законот, но и да се одвратат сите други кои имаат или ќе имаат такви намери да го сторат тоа во иднина. Ова е ставот на поранешниот градоначалник на општината, Андреј Жерновски откако за овој случај, екс премиерот Груевски е осуден на затворска казна од една ипол година, а поранешниот министер за транспорт и врски, Јанакиески на условна казна од една година затвор ако не го повтори кривичното дело во следните четири години. Останатите петмина обвинети исто така заработија условни казни.

Жерновски пак, огласувајќи се на социјалната мрежа Фејсбук, истакна дека по седум ипол години од инцидентот, правдата ја победила неправдата.

Секој од нас, кои тие два дена од јуни 2013-та година ги  доживеа насилните протести, дводневната опсада, заканите по живот, демолирањето на општинските бараки и искршените прозорци, носи трауми и последици во себе за кои не сакаме да зборуваме. Некои од нив, сфатив подоцна, ќе останат засекогаш како трајни последици. Режимите, најчесто, тоа и го прават, зарем не – наведува Жерновски во објавата.

Сега е веќе јасно дека единствената причина за тогашните протести не беше грижата на Груевски за црквата  “Свети Констатин и Елена”, туку грижата и стравот дека ќе се стопира изградбата на другите објекти од криминалниот проект “Скопје 2014” кои беа од негов и нивен интерес. Поништувањето на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ претставуваше директна закана за опстојувањето на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери. Иако постојано и во целост ги демантирав тврдењата кои доаѓаа од Белата палата дека имаме намера да рушиме цркви, нивнатата партиско-медиумска машинерија не ги објавуваше моите изјави дека се работи за груба манипулација со чувствата на вистинските верници и дека целото договорено сценарио е масло на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, додава екс градоначалникот.

Иако Груевски е во бегство, Жерновски најави дека ќе се бори тој да ја отслужи казната во македонските затвори.