Во рамките на најновите мерки против американските постапки во Хонг Конг, Кина им забрани на американските дипломати во тој полуавтономен регион директно да бараат состанок со градските официјални претставници или политичари, пренесува „Анадолија“.
Како што наведува „Саут чајна морнинг пост“, американските дипломати сега мораат да бараат одобрение од Министерството за надворешни работи на Кина пред состанокот со кој било официјален претставник на Хонг Конг.
Според оваа одлука, американските дипломати треба да добијат одобрение за кој било службен, приватен, социјален или видеосостанок, како и за состаноците со која било кинеска државна или приватна образовна установа или организација и нејзиниот персонал.
Јавноста дозна за новата одлука откако на лидерот на Либералната партија во Хонг Конг, Феликс Чунг Квок-пан, му било кажано дека на американскиот генерален конзул му е потребна дозвола за состанок со него.
Претходно овој месец Министерството за надворешни работи на Кина, го предупреди Чунг Квок-пан, дека сега не е прикладно време да се состане со американскиот конзул.
Ваквата постапка на Кина се смета за одмазда на американските одлуки, кои ги ограничуваат активностите на кинеските дипломати во САД.
Хонгконг е полуавтономен регион што Велика Британија во 1997 година ѝ го препушти на Кина. Во согласност со постоечките договори, Хонг Конг има статус на автономија во внатрешната политика, а Кина ја води надворешната и одбранбената политика. Таквиот статус е предвиден до 2047 година.
САД, Велика Британија, Австралија и Канада се некои од земјите што изразија загриженост поради воведувањето нов закон за безбедност во Хонг Конг. Официјален Пекинг ги отфрла тие критики и вели дека нема да дозволи други земји да се мешаат во нивните внатрешни работи.
Законот за безбедност е усвоен кон крајот на јуни и покрај повеќемесечните антивладини протести во Хонг Конг.
Новиот закон за безбедност во Хонг Конг го третира како кривично дело секое поткопување и непочитување на официјалните власти во Пекинг и ја утврдува рамката за борба против тероризмот и какви било потези на отцепување, и забранува воспоставување соработка со странските сили.