Според новите епидемиолошки мерки што важат од вчера, во Никшиќ, како и во градовите Беране и Андриевица, забрането е работење на угостителските објекти, а полициски час е во сила од 22 до 5 часот наутро.
За време на вчерашнио протест пред општинската зграда и протестната прошетка низ улиците на Никшиќ, вториот по големина град во Црна Гора, угостителите се заканија дека доколку не успеат да постигнат договор со властите, ќе ги отворат своите капацитети и покрај одлуката на здравствените власти.
“Ние сме за апсолутно почитување на мерките, но овие мерки беа донесени еднострано, без консултација со нас. Веруваме дека над 200 ресторани во Никшиќ можат да работат во согласност со мерките. Некој мора да не’ консултира, во спротивно ќе одлучиме да ги отвориме локалите во согласност со мерките , што нема да влијае на епидемиолошката состојба“, изјави Перо Миљаниќ, сопственик на фирма за угостителство со триесетина вработени.
Учесниците на протестот истакнаа дека поради ваквите мерки угостителите немаат приход и дека на крајот страдаат вработените.
Со одлуката на црногорските здравствени власти, која стапи на сила на полноќ, воведен е полициски час во овие три црногорски општини, кои се најпогодени од епидемијата на коронавирусот во вториот бран, а сите угостителски објекти ќе бидат затворени во следните 14 дена. Забранети се и домашни собири, а заштитната маска е задолжителна за секој над пет години.
Во повеќето други црногорски градови, вклучително и во Подгорица, работното време на кафулињата е ограничено на 22 часот, а само две лица можат да седат на иста маса.