Фондацијата „Со срце за Крива Паланка” и добротворната организација „Хуманија” упатуваат апел за собирање прибор, средства за училиште и електронски уреди за следење настава од далечина за деца од ранливи категории од општината.
-Да помогнеме учебната година да отпочне со радост кај сите дечиња, особено кај најмладите. Упатуваме апел граѓаните да ги отворат своите срца и со навидум мал учинок и донација, да ги усреќат оние на коишто им е најпотребна ваквата помош. Мал гест на добрина и хуманост за некого ќе значи многу голема среќа, искрена насмевка и благодарност. Колку повеќе помагаме и даруваме, толку повеќе средината ја облагородуваме, изјави Ирена Белешковска, извршна директорка на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка”.
Во акцијата се вклучи и добротворната организација „Хуманија”. Клаудија Стоевска, координатор на „Хуманија”, изјави дека голем дел од семејства немаат ниту еден ИТ-уред за следење онлајн-настава и дека државата и локалните самоуправи овозможиле уреди за дел од социјалните семејства, но не за сите.
– Ни се јавија повеќе луѓе на кои им е потребна донација на уред. Еден таков случај е самохран родител, вдовец од Крива Паланка, со две малолетни дечиња. Поголемото дете е третооделенче, нема компјутер преку кој ќе може да ја следи наставата. Помалото сега е прваче и е со нарушена здравствена состојба. Веќе се обратиле на локалната самоуправа, меѓутоа донациите на компјутери оттаму биле потрошени. Лаптоп е веќе обезбеден, благодарност до хуманиот човек за брзата реакција. Доколку кој било е во можност да донира компјутер, лаптоп, таблет или финансиски средства, може да не исконтактира за да израдуваме и останати дечиња и фамилии, истакна Стоевска.
Организаторите на добротворната акција посочија хуманите граѓани или приватни субјекти, а пред се компаниите кои работат во ИТ-секторот или оние кои продаваат такви уреди, да се обратат на официјалната страница на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка” или „Хуманија” на Фејсбук или во порака на мејл-адресите на одговорните.
MИА