Редовен пазарен ден во Гевгелија, на зелениот пазар се слуша вообичаениот џагор на продавачите и купувачите, но резултатот од продажбата не е ист. Поголем дел од продавачите директно ги чувствуваат последиците на корона кризата, посебно што како погранично место, економијата овде зависи од нормалното функционирање на граничниот премин со јужниот сосед.
Гевгеличани велат дека градот не е ист последните месеци, одредени дејности како стоматолозите и казината функционираат делумно, има доста откази, а и оние кои се во трговијата трпат загуби.
– Моментално сме задоволни, има народ, не е лошо, но сепак Грците фалат, тие го зајакнуваат пазарот за околу 40 проценти кога доаѓаат – проценува еден од продавачите.
Друг пак вели дека состојбата е катастрофална.
– Лошо, многу лошо, на пола ни е прометот, во споредба со лани . Оти ние сме комшии со нив, тука постојано имаше гости од Грција и по кафаните, и на заболекар, и на бензинска и пазар – вели продавачот.
Купувачите исто така на свој начин ги доживуваат овие кризни времиња.
Граничниот премин Богородица не функционира регуларно речиси цело лето, а неизвесно е дали ќе се отвори за транзит на сите патници и од први следниот месец, но жителите велат дека се надеваат на ваквиот исход бидејќи само тоа им преостанува.
Роза Шулева