Кога ќе почне вакцинацијата кај нас, би можеле да се вакцинираат стотина илјади луѓе во еден месец, прогнозира д-р Пановски – ММС
ММС

Објавено на: 09/26/20 7:24 PM

Кога ќе почне вакцинацијата кај нас, би можеле да се вакцинираат стотина илјади луѓе во еден месец, прогнозира д-р Пановски

Се надевам дека вакцинацијата против коронавирусот кај нас ќе почне во април идната година – изјави денеска микробиологот Никола Пановски, за време на денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77. Тој проценува дека во еден месец би можеле да се вакцинираат стотина илјади луѓе:

„Тоа е можеби оптимистички, но од април до  јуни би ги имале најризичните групи, здравствените работници па еве и наставниците да бидат вакцинирани. Ќе дојде пролет, ќе излеземе надвор. Полесно ќе се шири, но не така како во март. Треба трпение за оваа болест. Има теории дека премногу е нагласена грижата и стравот, но треба да дотераме до крај.“.

Тој потсети дека ширум светот седум вакцини се во трета фаза.

„Од нив за две може да има политички моменти да се регистрираат порано како да е борба ова за космосот. Едната е руската, а сега гледам се инсистира и во Америка пред избори да се почне со употреба на вакцината. Тие се во трета фаза, што значи дека се испитуваат 30-40 илјади луѓе“, додаде докторот.

„Датумите што ги гледам се од 31 декември годинава до 31 декември идната година за овие седум вакцини. Се испитуваат уште 200 вакцини меѓутоа не се во оваа фаза. Значи идната година од овие седум би требало да излегуваат неколку“, прогнозира Пановски.

Во однос на високата стапка на смртност од овој вирус, тој смета дека анализите што сега се најавуваат, требало да бидат направени уште во јуни.

„Треба да има семинари да видиме какви се искуствата, ако имаме грешки, треба да видиме кои се за да не ни се повторуваат. Внатре вирусот сега ќе се шири експлозивно и затоа е потребна едукација. Треба партиските лидери и доктори да потпишат декларација за да не ни се случи тоа што се случи во мај – да се спречат семејни собири и верски собири.  Втора работа се младите, кои сега се собираат надвор и има ширење на заразата, но ако тоа го прават внатре ќе биде 15 пати појако. Треба да излезат докторите од сите партии и лидерите до нив и да кажат ако ова и ова го почитувате, толку побрзо економијата ќе се покачи и ќе немаме рестрикции“, додаде д-р Пановски.