ФОТО: Жозе Мурињо е голем тренер, но и голем човек – На новинарот Игор Александровиќ му се исполни желбата – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/20 11:19 AM

ФОТО: Жозе Мурињо е голем тренер, но и голем човек – На новинарот Игор Александровиќ му се исполни желбата

Вчерашната прес-конференција во Скопје на легендарниот тренер Жозе Мурињо, беше и малку невообичаена и излезе надвор од рамките на стандардните излегувања во медиуми на тренерите пред европските натпревари.

Освен за фудбал и за денешниот дуел помеѓу екипата од Тетово, Шкендија и англискиот премиерлигаш Тотенхем, на средбата со спортската јавност во земјава Мурињо се соочи и со емотивно несекојдневно барање од новинарот на ТВ „Сонце“, Игор Александровиќ.

Александровиќ ги постави прашањата поврзани со дуелот од Европа Лигата и потоа му оддаде на поранешниот тренер на Интер, Порто и Челзи дел од својата приватност. Имено, таткото на новинарот бил огромен фан на Португалецот и не пропуштал прилика да ги погледне неговите тимови во изминатите години откако Мурињо за првпат стапна на големата сцена со Порто. Неговата желба била средба со Жозе и фотографирање за спомен до крајот на животот.

Бидејќи тој повеќе не е меѓу живите, новинарот побара од Мурињо да се фотографираат по завршувањето на прес-конференцијата, за да му оддаде чест на својот родител и да му ја услиши желбата „таму на небото“, како што рече и самиот Александровиќ.

Иако во јавноста Мурињо важел за арогантен, „ладен“ човек, кого интересираат само фудбал и победи, Мурињо го исполни даденото ветување и се фотографираше со новинарот. Тие на крајот разменија и мали подароци, а убавиот гест од вчера беше споделен и од официјалниот Твитер профил на клубот од северен Лондон.