Национален фитнес ден првпат и кај нас – бесплатно вежбање со врвни инструктори – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/20 9:05 AM

Национален фитнес ден првпат и кај нас – бесплатно вежбање со врвни инструктори

Стотина фитнес центри, спортски клубови од најразлични спортови и спортски организации денеска ќе ги отвораат вратите или ќе ги дисперзираат своите активности, овозможувајќи бесплатен пристап до нивните услуги со цел популаризација на фитнесот и физичката активност во своите заедници во рамки на првиот Национален фитнес ден во нашата држава.

Националниот фитнес ден традиционално се одржува во сите европски земји, а своите почетоци ги бележи во Британија каде што фитнес секторот се обединува во национална акција веќе седум години.

Националниот фитнес ден кај нас го организира Здружението за унапредување родова еднаквост ТАКТ од Скопје како партнер на UK Active од Велика Британија каде веќе седум години се слави фитнесот како активност што придонесува за подобро здравје на луѓето.

-Национален фитнес ден е најактивниот ден од годината и ден кога се слави физичката активност и нејзината улога. За првпат во нашата држава овој ден го организираме во партнерство со стотина различни спортски организации и спортски работници, тренери, спортисти, но сите активности со наицонална кампања се промовирани и се отворени за секој граѓанин, со цел вклучување поголем број луѓе во физичики активности, за подобрување на здравјето. Во текот на деноот на различни локации, во различни периоди од денот и во речсии сите градови, од Струмица, Струга, Куманово, Крива паланка, Кавадарци, Кратово, Маврово, Гостивар, буквално насекаде, се до Скопје ќе се вежба, со надеж дека овој Национален фитнес ден ќе стане традиција и ден кога луѓето од сите возрасти, различни социјални и етнички структури и со различни физички способности ќе се здружуваат во прослава на фитнесот, а тоа ќе го практицираат и во текот на целата година, изјави Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ.

Националниот фитнес ден е ден што ќе ја обедини нацијата во една голема цел, а тоа е промоција на физичката активност и здрав и активен живот за сите.

-Оваа година првпат сакаме да ја покажеме моќта на физичката активност во прослава на фитнесот кој може да не обедини како нација. Настанот треба да не потсети дека физичката активност треба да стане наше ново секојдневие кое ќе ја промени нашата рутина и ќе не насочи кон долготраен и здрав начин на живот. Сите што се приклучија на активностите добија  национална видливост и станаа дел од ова големо фитнес пријателство и партнерство. Дозволена е креативност во изборот на активност, каква било промоција на физичка активност и здрав живо, од прошетка со брзо одење, трка низ паркот, вежби за загревање или интензивни фитнес вежби, планинарење или освојување на планински врв. Сите акции се сублимирани на ФБ страницата Национален фитнес ден и на нашиот инстаграм профил, со додавање на хаштазите: #Фитнесзначи #LetsBeActive #Фитнесден, а креирана е и веб-страница https://nationalfitnessday.mk, додаде Спасовска.

Познати професионалци фитнес-тренери се амбасадори на Национален фитнес ден РС Македонија: Елена Бубало Михајловска, Атанас Михајловски, Надица Јовановиќ, Софија Манчева и Марио Јовановски, кои на различни локации денес попладне во Скопје ќе одржат големи настани, согласно сите протоколи за заштита од КОВИД-19.

-Национален фитнес ден најпрво почнува од Велика Британија како иницијатива и таму заедно со Ирска се бележи и најголем успех на овој ден каде милион луѓе се активираат и учествуваат во оваа иницијатива.  Кај нас оваа година за прв пат успеавме да вклучиме повеќе од 100 сублекти за да ја покажеме моќта на фитнесот и да покажеме дека секој од нас треба да практикува редовна физичка активност. . Јас како амбасадор организирам заедно со Софија Манчева и Рената Младеновска голем настан, фитнес час на отворено во градскиот парк на Школка.  Настанот е со име „BodyBurn” , ќе започне во 17 часот и ќе биде отворен за сите оние кои сакаат да дојдат и да пробаат едночасовно вежбање исполнето со многу забава, музика, здрава храна и многу изненадувања кои ги имаме спремено. Часот е прилагоден и за почетници но и за понапредни вежбачи без никакви дополнителни реквизити. Нашата голема цел на овој настан е барем за момент да го пренесеме чувството и бенефитите од физичката активност со што ќе допринесеме до тоа истите тие луѓе кои ќе учествуваат на настанот да останат физички активни и по завршување на 24ти септември, изјави надица Јовановиќ.

Елена Бубало-Михајловска ќе одржи бесплатен „Total body workout” тренинг на отворено во салата на Ultimatefitalebras, во Кисела Вода, кадешто и нејзиниот сопруг, еден од амбасадорите на Национален фитнес ден , Атанас Михајловски, пак ќе офржи крос-фит тренинг , отворен за сите.

-Нас спортот ни е секојдневие, нашата работа е да влијаеме на што повеќе луѓе рекреативно да спортуваат и на тој начин да придонесеме заедно за подобро психо физичко здравје. Кога и да ни се јават за вакви настани прифаќаме, бидејќи е тоа и наша одговорност бидејќи сме во тоа секој ден. Треба да се подржуваат вакви настани, одбележувањето на Националниот Фитнес ден е за прв пат кај нас, па со оваа иницијатива се надеваме дека ќе придонесеме повеќе за да се зголеми свеста за важноста на секојдневната физичка активност. Оваа недела е цела посветена на спортот, вклучувајќи го и Нациналниот фитнес ден, па сите ние што сме дел од спортот треба да донесеме голем придонес. Секако, задоволство ни е што сме дел од овој ден и тоа како амбасадори за да може да го пренесеме значењето на што повеќе луѓе околу нас, вели Бубало –Михалјовска.

Таа е и мајка на две деца, породена пред само три месеци со својата ќерка, а по еден месец од породувањето се врати на работа, во спортското студио, кадешто, вели, се чувствува како дома.

-Еден саат вежбање во денот ми дава енергија за да бидам мајка на две деца, сопруга и да се справувам полесно со секојдневните обврски и секако да изгледам здраво и фит. Сметам дека секој еден треба на прво место да му биде здравјето, затоа сум повеќе од сигурна дека сите ние имаме околу еден час во денот да се посветиме на себе и да извежбаме. Има огромен број придобивки од вежбањето, па затоа тие треба да бидат пред оправдувањето. Секогаш велам дека вежбањето треба да ни биде секојдневие и стил на живот, а не обврска. Знам дека првиот чекор е најтежок, да се решите дека ќе вежбате и да отидете на еден тренинг, после тоа верувајте дека нема назад. Ги охрабрувам сите да почнат да вежбаат, а ако немаат време предложувам времето што се троши на социјални мрежи да се пренасочи и собере во 1 саат вежбање. Да потенцирам дека сега се актуелни и онлјан часовите, за кои се штеди премногу време и е одлична можност да заштедиш време, додава Бубало-Михајловска.

Рече, работењето на подигнување на свеста на луѓето за многу работи па и за вежбањето треба да е во континуитет, тоа е и дел од нивната работа секојдневно.

Според неа, бројот на луѓе што вежбаат генерално низ годините расте и тоа и кај повозрасната популација, а вежбањето за време на карантинот во нејзиниот случај се  зголемило, според бројот на луѓе што вежбале и имале повеќе слободно време, можеби, вели, бидејќи стресот беше голем и ова на сите ни помогна да се ослободиме од него и баш секогаш си кажуваме дека ни беше светла точка во денот.

Национален фитнес ден амбасадорот Марио Јовановски во 19 часот вечерва ќе спроведе настан во Скопје Сити Мол, со вежбање, добра музика и  наградна игра.

Од ТАКТ како организатори на Првиот национален фитнес ден во нашата држава истакнаа дека овој ден во иднина ќе стане традиционален национален настан и веќе следната година ќе може да се приклучат уште поголем број луѓе со уште повеќе иницијативи, а дотогаш, псоочија, секој од нас може да одбере каква било фиизчка активност, истат аредовно да ја практикува и да го унапреди сопственото здравје.