За само еден час на осум пункта низ Штип, полицијата санкционирала педесетина возачи, најмногу за пречекорена брзина, нерегистрирани возила и возење без возачка дозвола.
Овие денешни контроли се дел од засилената акциска контрола што ја спроведува Министерството за внатрешни работи која започна во Скопје и во другите градови а денес се спроведува во Штип со санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.
„„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и сл.,а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Една од клучните точки на овие акции, потенцира Ангеловски , се насочени кон моторџиите.
„Овие акции главно се насочени кон оние кои прават злоупотреби и додаваат елементи на моторите со цел да создаваат бучава и со тоа ги вознемируваат граѓаните, но тука секако се и контролите за носење на заштитни кациги, затоа што тие може да спасат живот. Исто така се возат и нерегистрирани мотори и други прекршоци кои ги санкционираме и претходно, но сега посебно во оваа акциска контрола“, изјави Ангеловски.
Целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Штип ќе бидат презентирани утре.