Средба Шахпаска-Брнз: Унапредување на соработката, особено во политиките за младите и можностите за економски раст – ММС
ММС

Објавено на: 09/23/20 12:26 PM

Средба Шахпаска-Брнз: Унапредување на соработката, особено во политиките за младите и можностите за економски раст

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија Кејт Мари Брнз, на која повторно беше реафирмирана потребата за натамошна блиска соработка во развојот и унапредувањетона македонското општество, особено во делот на инклузивноста и еднаквоста, соопштија од МТСП.

Министерката Шахпаска изразила благодарност до САД за поддршката што ни ја дава од осамостојувањето до денес, особено во делот на евроатланскиот процес и нашето зачленување во НАТО како 30. земја членка.

Таа нагласила дека како министерка за труд и социјална политика има низа приоритети на кои ќе се фокусира во наредниот период.

-Интензивно ќе работиме со ранливите категори граѓани, со сиромашните и со маргинализираните групи, со младите… Веднаш по преземањето на функцијата, во првата недела го предложивме Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој сметам дека е исклучително важно многу брзо да биде усвоен. Работиме на законско решение за спречување на насилство врз жените, родовата еднаквост ни е високо на агендата, силно сме посветени на социјалната реформа,  особено во делот на децентрализацијата на социјалните услуги и деинституционализацијата. Ќе обезбедиме и суштински дијалог за измена на регулативата за работните односи  кое ќе биде современо законско решение донесено врз основа на широка дебата, посочила министерката Шахпаска.

Амбасадорката Брнз изразила задоволство што за толку кусо време Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација е пуштен во процедура и изразила надеж дека македонското Собрание ќе го изгласа што е можно поскоро.

Амбасадорката Брнз истакнала и дека сега Северна Македонија и САД се НАТО сојузници и оти има услови  меѓусебната соработка да биде унапредена.

На состанокот било нагласено дека во делот на меѓусебната соработка, во наредниот период, ќе се посвети посебно внимание на борбата против корупцијата, на политиките за младите кои ќе значат задржување на младите во земјава и отворање нови перспективи за нив, како и во делот на економскиот раст.

Двете соговорнички се согласиле дека за наредниот период гледаат исти предизвици и исти полиња на кои би можеле двете земји да соработуваат, особено во делот на поддршката што и е неопходна на Северна Македонија, со единствена цел да обезбеди одржлив развој и напредок.