Мото-хепенингот „The Distinguished Gentleman’s Ride“ годинава по нови правила поради Ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 09/23/20 8:23 AM

Мото-хепенингот „The Distinguished Gentleman’s Ride“ годинава по нови правила поради Ковид-19

Хуманитарниот глобален мото-хепенинг „The Distinguished Gentleman’s Ride“ го слави своето петто издание во Скопје, но пандемијата на Ковид -19 годинава наложи нови правила по кои ќе се одвива настанот.
Наместо вообичаеното дефиле, годинава на глобално ниво, а со тоа и во Скопје, урбаните моторџии облечени во префинети костими ќе возат соло во својот град, но сепак ќе останат социјално поврзани и обединети со единствена цел – грижа за машкото здравје. Токму затоа и годинашното лого на манифестацијата е „Ride solo together“.
– И оваа година остануваме посветени на хуманитарната цел, заедно со сиот сјај кој го носи настанот – префинетите костуми и блескавите машини, но овојпат секој учесник ќе вози соло – во својот град, но ќе останеме социјално поврзани и обединети со една цел – грижа за машкото здравје, велат организаторите во Скопје, Игор Стефановски и Благоја Петровски.

Датумот останува непроменет – последната недела во септември, односно 27 септември. Тогаш низ скопските улици ќе може да се видат урбаните моторџии кои самостојно со фини костими и уникатни мотори ќе продефилираат.

Движењето започна во 2012 година во Сиднеј кога Mark Hawwa облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи во чест на негов пријател кој не ја доби битката со ракот на простатата да продефилира низ улиците. Движењето зема замав и од година во година е се поголем бројот на учесници и градови кои се приклучуваат. Во изминатите девет години за борба против ракот на простата собрани се повеќе од 24.5 милиони долари. Во глобалното движење досега се вклучиле над 316.000 учесници во повеќе од 104 држави во светот.