Две воспитувачки од градинка објект Тетекс во Тетово се евиденитирани како заболени од Ковид-19, а нивните групи со деца и колешките се во изолација дома. Директорката на општинската јавна установа детски градинки „Младост” Рамије Даути вели дека двете колешки се во добра здравствена состојба, како и децата од нивните групи кои не покажале симптоми.
–Нема поголеми проблеми. Тоа не е болест која се шири само во градинките. Можат и дома да се разболат. Една група е изолирана, тука имавме две деца и двете деца се дома. Ги имам контактирано и вработените и родителите од децата и сите потврдија дека моментално се добри, изјави Рамије Даути.
Во јуни кога беше направен скрининг кај вработените во градинките, немаше ниту еден позитивен случај.
Во објектите на ОЈУДГ „Младост” во Тетово според протоколите за работа во услови на пандемија со Ковид-19 овозможено е згрижување на 200, а по започнувањето со работа беа дојдени 98 деца.
Според информациите на Министерството за здравство тетовскиот регион досега брои вкупно 1387 дијагностицирани со Ковид-19 од кои активно болни се 168 луѓе. Вкупно се оздравени 1134 лица, а има и вкупно 85 смртни случаи поради Ковид-19.