Брзи локални избори во Штип за наследник на Бочварски? – ММС
ММС

Објавено на: 09/22/20 1:54 PM

Брзи локални избори во Штип за наследник на Бочварски?

Ноември е деновиве најспоменуваниот термин за одржување на вонредните локалните избори во Штип за градоначалник, откако Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски. Во моментов градот го води заменикот градоначалник Јане Миланов, кој се’ уште не е предложен ниту избран за в.д. градоначалник.

Кај двете партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ има неофицијални најави за избори во ноември за нов градоначалник, кој кратко ќе биде на оваа функција, до редовните избори во септември 2021 година. Меѓутоа, засега нема потврда, бидејќи како што брифираат партиски извори, сите опции се во игра. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев неодамна прашан од Канал 77, рече дека терминот за избори ќе зависи од епидемиолошката состојба, иако штијани на Парламентарните избори во јули излегоа во пикот на заразата.

Во меѓувреме, течат партиските анкети за потенцијални кандидати за градоначалници. Најчесто споменувани имиња се на Љубе Здравков од ВМРО ДПМНЕ, кој е член на Советот на Општина Штип и Ален Ѓеорѓиев од СДСМ. Директорот на Клиничката болница во Штип, Ѓеорѓијев рече дека кој ќе биде кандидат е партиска оценка.

Прашан од Канал 77 за терминот за локалните избори во Штип, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, одговори:

-За тоа одлучува претседателот на Собранието, Талат Џафери, одговори министерот Милевски.

Предлогот Бочварски од позицијата градоначалник да влезе во владиниот кабинет, беше изненадувачка вест за многумина, бидејќи Штип беше познат како „тврдина“ на ВМРО ДПМНЕ со години наназад го раководеа кадри на оваа партија.  На Предвремените парламентарни избори во јули годинава во Штип, ВМРО ДПМНЕ беше во  минамална предност со 64 гласа пред СДСМ.