Општина Кавадарци спроведува целосна реконструкција и модернизација на уличното осветлување во градот и населените места. Се менува ниско напонската мрежа, се поставуваат нови канделабри и светилки, а целта е да се заштети електрична енергија, а да се добие подобро осветлување на улиците и јавните површини.
„ Предвидено е изградба на нова НН подземна мрежа за улично осветлување на 17 локации при што ќе се постави околу 420 метални столбови со висина од 4 до 10 метри, како и штедливи ЛЕД светилки со различна јачина, во зависност од потребите. Во новата мрежа ќе се вградат 12 000 метри нисконапонски кабел Освен ова предвидена е и реконструкција на 800 постојни лед светилки со нови високоефикасни диоди, дополнително опремени со оптика за распределба на светлината, и со пред споен уред кој овозможува во првите 6 часа да работат со 100% од осветлувањето, а после тоа потрошувачката се намалува на 50%“ рече Ванчо Ризов претставник на ИТ секторот во општина Кавадарци.
За 103 мерни места за улично осветлување, се поставува систем за далечинска контрола мониторинг и регулација на уличното осветлување. Од општината објаснуваат дека светилките ќе се вклучуваат и исклучуваат централно од едно место, според астро календарот за општина Кавадарци, со што се постигнува оптимизирање на работните часови. Овој систем овозможува постојано следење на потрошувачката на електрична енергија и реакција во случај на дефект, прегорена светилка или див приклучок, односно кражба на енергија.
Раководителот на ИТ секторот при општина Кавадарци, Александар Ѓорѓиев информира дека направен е комплетен попис на столбовите, канделабрите и уличните светилки кои се поставени на територија на општината.
„Овој попис односно овој проект го работиме повеќе од три месеци вклучувајќи специјализиран софтвер за оваа намена, комплетен физички попис на терен од страна службите во општината, односно мој општинар. Секој столб има уникатна нумерација со бар код, по кој ги имаме сите дополнителни информации како тип на столб дали е метален, бетонски или дрвен , каков тип на светилки има на тој столб и точна локација , и со тоа се олеснува целиот процес на пријавување и разрешување на дефекти во делот на осветлувањето“ рече Ѓорѓиев.
Во Кавадарци официјално e пуштен и нов систем за електронски да се пријавуваат проблеми , дефекти и консултации до надлежните служби на општината. Тука граѓаните ќе имаат можност да закажат состанок во приемните денови со градоначалникот, со цел следење на мерките од ковид 19 и помала физичка присутност во просториите на општината и заштеда на време .