Богатството ни е оставено како аманет и треба да го чуваме како зениците во очите – „Синтезис“ со концерт прославуваат 25 години постоење – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/20 8:00 AM

Богатството ни е оставено како аманет и треба да го чуваме како зениците во очите – „Синтезис“ со концерт прославуваат 25 години постоење

Цели 25 години присутни на македонска музичка сцена, и бренд кој внимателно се градеше низ годините, за да биде и синомим за нашата земја и музика. Синтезис оваа година прославуваат јубилеј од 25 години постоење, а овој голем јубилеј ќе го крунисаат со концерт на 23 ти септември пред платото на Националната опера и балет, на плоштадот „Мајка Тереза“ каде како гости ќе се појават виртуозот на гитара Влатко Стефановски и македонскиот фолк изведувач Наум Петрески. Јубилејот повод, за Синтезис ги имаме во оваа рубрика.

ММС: Постоење 25 години на една група која е главен синоним за македонската етно сцена не е малку. Низ што се помина „Синтезис” овие години, за да стане музички бренд и што е она што го научивте низ создавањето на музиката?


Синтезис: Создавањето и одржувањето на еден бренд, воопшто не е ни мала ни лесна работа, а доколку ги земеме во предвид условите во кои се наоѓа нашата земја – култура во изминатите години , тоа воопшто не е ни малку лесно, ниту пак за потценување. Упорноста, љубовта кон нашата изворна Македонска музика како и желбата за зачувување на исконското музичко богатство и пренесување на идните генерации  е основниот двигател во нашата работа. Ако почнеме да зборуваме низ  што се сме морале да поминеме и бориме за да опстанеме и твориме, искрено ќе ни треба многу време. Битно е дека ние не се откажуваме – упорни и истрајни сме во работата, во зачувување на традиционалната изворна Македонска музика и во создавањето на нови музички вредности.

ММС: Колку е тешко во оваа ситуација во која се наоѓаме во моментов, ние,
но и светот да се создава музика или едноставно да се биде музичар?

Синтезис: Целата ситуација е тешка без разлика во која област сте. Треба да се научиме и прилагодиме на новиот начин и услови на животот. Сметам дека на нас музичарите ни е потешко и по празно затоа што ни фали нашата публика, нивниот поглед и реакција, тоа е она со кое ја полниме нашата душа и желба за создавање на нова музика.

ММС: Зошто се одлучивте токму сега за јубилејниот концерт? – Знаеме дека
има ограничувања и посебни протоколи, нели ќе беше подобро да се почека
подобро време за на едно место да има поголем број на публика и без
посебни стеги да се обележи еден ваков голем јубилеј?

 

Синтезис: Тоа го кажав и предходно. Мораме да се прилагодиме на новиот начин на живот. Ситуацијава до кога ќе трае никој незнае. Затоа се решивме јубилејот да го одбележиме со протоколи точно во годината кога ни е, а здравје нека се се стабилизира па повторно ќе направиме концерт тоа не ни е проблем. Да не ни бидат потоа набрзо јубилеј за 25 и 30 години.

ММС: 23 -ти септември е датумот кога пред платото на НОБ, односно плоштадот „Мајка Тереза” ќе настапи „Синтезис” заедно со вашите гости Влатко Стефановски и Наум Петрески, дали започнавте со реализација на пробите или сепак 25 години постоење на групата си го прави своето?

Синтезис: Годините си го прават своето, но сепак проби се прават како за повторување на стариот материјал така и за усвирување на новиот и секако доаѓаат идеи и за нови композиции.

ММС: Минатата година турнејата во Австралија беше фокусот и нешто што ја
одбележа токму таа 2019 година, што беше фокусот оваа година?

Синтезис: Оваа година требаше да се реализира турнеа од неколку концерти во Нов Зеланд и  два концерти во Австалија, посета на неколку фестивали во Европа и Македонија и секако јубилејот. Но со оглед на ситуацијата ќе се реализираат само концертите во Македонија. На 25 -ти септември, Синтезис ќе настапи во Велес по повод „Рацинови средби” во организација и покана од Општината на Велес.

ММС: Што во моментов подготува „Синтезис” на музички план?
Синтезис: Идеи секогаш има, се тоа се собира и размислува, за да се спакува во убав производ песна, ЦД. Ние никогаш не брзаме сакаме да ги разгледаме сите страни и аспекти да не расипеме односно исквернавиме нешто од нашата пребогата ризница, сепак се работи за богатство кое ни е оставено од нашите предходни поколенија како аманет кое треба да го чуваме како зениците од нашите очи,со него не треба да се игра. Затоа творештвото на Синтезис е најпрво истажување на материјалите,потоа селектирање  и фокусирање на тоа што ќе се обработува врз кои мотиви ќе се компонира, надградува звукот но при тоа да не се расипе автентичноста на мелографијата.

ММС: Има ли „Синтезис” некоја не реализирана музичка соработка, која
можеби ви била во план сиве овие изминати години, а не сте ја
реализирале?

Синтезис: Да за жал постои соработка која што сеуште ја немаме реализирано, но таа не е невозможна. Разговорите и желбите се обострани и може да кажам дека тоа ни е прва планирана соработка, но за жал се уште не е реализирана.

Габи Додевска