Црвена Ѕвезда и Динамо Загреб испаднаа од ЛШ, Данците и Израелците сигурни – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/20 2:16 PM

Црвена Ѕвезда и Динамо Загреб испаднаа од ЛШ, Данците и Израелците сигурни

Третото квалификациско коло во Лигата на Шампионите, синоќа приреди многу изненадувања и го остави регионот без потенцијални претставници во најдоброто клупско фудбалско натпреварување за сезоната 2020/21.

Шампионот на Србија, Црвена Ѕвезда, загуби на гостувањето кај кипарскиот првак Омонија по пенал серијата. Во изедначен натпревар избраниците на поранешниот играч и освојувач на Лигата на Шампионите со Интер, Дејан Станковиќ, не успеаа во регуларниот дел да го скршат домаќинот. Опасното нафрлање на првата статива го доведе голманот на црвено-белите Милан Борјан во ситуација да ја избоскува топката во грбот на неговиот соиграч. Несреќно примениот гол на самиот крај од првиот дел го „поништи“ некогашениот фудбалер на БАТЕ Борисов, Мирко Иваниќ.

Во вториот дел и едните и другите имаа свои шанси, но поради евидентниот замор на играчите приликите пред Фабијано и Борјан не беа реализирани. Во продолженијата од двапати по 15 минути, како одвај да се чекаше пенал рулетот. А во пенал рулетот, Омонија шутираше перфектно. Четири погодоци од исто толку шутеви, Џорди Гомез, Вито Гомез, Асанте и Леџакс стрелаа за Кипарците. Најновата аквизиција на Ѕвезда, Диего Фалчинели дебитираше во натпреварувањето со промашен пенал, а веднаш по него се посрамоти и дефанзивецот со австралиски пасош, Милош Дегенек.

Амбициите на скапиот состав на белградска Ѕвезда за партиципирање трета сезона по ред во Лигата на Шампионите паднаа во вода и сега Дејан Станковиќ и момците ќе мора да се задоволат со потенцијално играње во групната фаза во второто по квалитет европско натпреварување, Европа Лига.

Дека ова не беше вечер на екс-ју екипите, потврди и Динамо Загреб, кој изненадувачки испадна рано од игра за групната фаза. Загрепчани немаа ниту среќа во овој и претходниот ждреб, затоа што и на двата меча против Клуж и сега против унгарскиот шампион, играа на гостински терен. Ференцварош мудро ги искористи своите „пет минути“ и успеа да се најде на чекор до топ 32 во Европа.

Десниот бек на Унгарците, Герго Ловренциц уште во втората минута од дуелот го отвори резултатот. На средината на полувремето крилниот напаѓач на домаќините Мурто Узини постигна автогол и го изедначи резултатот. Но, албанскиот интернационалец брзо се искупи за автоголот и веќе во 65 минута од второто полувреме постигна гол за Ференцварош за водство од 2:1. Голот на Узини беше последен на дуелот.

На другите соочувања, Макаби Тел Авив го совлада Динамо Брест со 1:0. Голот на Дан Битон од белата точка беше и повеќе од доволен за прогресирање на Израелците во следната рунда. Данскиот првак Митиланд беше убедлив против швајцарскиот претставник Јанг Бојс, постигнувајќи три голови во второто полувреме. Уште едно мини-изненадување се случи во Азербејџан, каде што шампионот Карабаг кој во првото коло го совлада нашиот Силекс, загуби во пенал серијата против норвешки Молде.

Во последното и решавачко коло пред финалното групирање за претстојната сезона, дуели закажаа следните тимови: Славија Прага-Митиланд, Макаби Тел Авив-Салзбург, Олимпијакос-Омонија, Молде-Ференцварош, Краснодар-Паок, Гент-Динамо Киев. Првите двобои започнуваат на 22 септември, а решавачките една недела подоцна на 30 септември.