Директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски на денешната прес конференција изјави дека во следниот период ќе средби со невладините организации и со Владата со цел да се изнајде решение за ранливите категории на граѓани кои би користеле дополнителни средстава за заштита од енергетска сиромаштија.
„На денешното генерално собрание и во вторникот на состанокот ги информирав сите регулаторни тела во рамките на ЕРА исто така и во рамките на Енергетската заедница за притисоците кои се вршат врз Регулаторната комисија за енергетика од страна на најголемата опозициона партија. И на двата состанока од сите земји членки добивме поддршка да не подклекнуваме на притисоците и понатаму да продолжиме професионално, стручно и ефикасно да си ја извршуваме својата работа која ни е предвидена со Законот за енергетика. Исто така во вчерашниот ден одржавме состанок со претставниците на синдикатите и ние како РКЕ се договоривме да им дадеме целосна логистичка поддршка во понатамошните разговори кои што би ги правеле со Владата во однос на зголемување на бројот на ранливи категории на потрошувачи кои што би можеле да користат дополнителни средстава за заштита од енергетска сиромаштија“, изјави Бислимовски.
Во текот на наредната недела РКЕ ќе држи уште еден состанок на кои што ќе бидат поканети и претставници од невладините организации кои што протестираат и на кој ќе бидат презентирани видувања од страна на РКЕ како овој удар од зголемувањето на електрична енергија би бил што е можно помал врз граѓаните.
„Ние како РКЕ сме на став дека треба да се зголеми бројот на ранливи категории на потрошувачи кои шо треба да добиваат одредна помош за социјална заштита за енергетска сиромаштија и сите тие потрошувачи да бидат најдени, вообичаено како и досега тоа ќе бидат социјалните случаи кои примаат помош, исто така ќе бидат и граѓаните кои имаат проблеми заради престојната ковид криза. И исто така инсистираме тоа да се однесува исклучиво на потрошувачите кои што имаат проблеми, но реално оние потрошувачи кои немаат проблеми сметаме дека нема потреба да им се обезбедуваат дополнителна помош од социјална заштита за енергетска сиромаштија“, рече Бислимовски.
Една од опциите, рече Бислимовски е намалувањето на ДДВ, но тој вели доколку би дошло до намалување на ДДВ на тој начин би добиле сите потрошувачи, не само ранливите категории на потрошувачи, и така би добиле и богатите кои што релано немаат никакви проблеми при плаќањето на своите сметки за електрична енергија.
„Како што гледате имаме и протести на кои што штрајкуваат и граѓани кои што имаат екстремно скапи автомобили и сметам дека овие категории на граѓани не треба да добијат никакви повластици“, рече Бислимовски.
Во наредниот период најави дека ќе имаат разговори и со претставници на Владата, но најпрво треба да ги дорасчистат прашањата со синдикатите и невладините организации кои веќе се излезени на протести и при тоа како што рече Бислимовски ги оставаме нивното право на протест да си го реализираат, но се надеваме дека ќе најдеме заедничко прифатливо решение пред се за најранливите категории на потрошувачи.