„Медена земја“ и видеообраќање на Јерговиќ вечерва во Кинотеката во рамките на ПРО-ЗА Балкан – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/20 10:55 AM

„Медена земја“ и видеообраќање на Јерговиќ вечерва во Кинотеката во рамките на ПРО-ЗА Балкан

Документарниот филм со извонреден меѓународен успех, „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефановски, вечерва во 20 часот ќе биде прикажан во Кинотеката. Филмот е дел од дополнителната програма на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“. Веднаш по филмот, публиката ќе може да проследи видеообраќање на хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ, кој е голем поддржувач на најуспешниот македонски документарец досега.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ синоќа беше официјално затворен во Куршумли ан, каде се реализира во изминатите три дена. Вообичаено, третата вечер на интернационалниот литературен фестивал беше посветена на лауератот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон книжевноста на Балканот, која годинава ја доби големиот автор Исмаил Кадаре. За жал, од оправдани причини, Кадаре не можеше да дојде во Скопје, а наградата му беше испратена во Париз.

Неговиот говор што го подготви за македонската публика го прочита уметничкиот директор на фестивалот, Алексндар Прокопиев, кој меѓу другото истакна:

-Досега сме имале навистина големи имиња како добитници на наградата, но Кадаре е великан!

„Награда што ја слави литературата на Балканот е многу добредојдено признание од истакнати литературни творци, на што сум горд што можам да дадам придонес. Литературата на Балканот е глобална литература, затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене се читаат од превод. Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања – каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата – од Балканот или која било друга – може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни. Се надевам дека читателите ќе ја искористат можноста да нурнат во литературата во овие непријатни моменти. Јас, во овој деликатен контекст на сегашното време, сум многу благодарен што сум повикан да ја прифатам оваа награда“ – истакна Кадаре во својот говор.

Писателите-гости на фестивалот, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Маја Солар, Магдалена Блажевиќ, Мухарем Баздуљ, Углеша Шајтинац, како и Дамир Каракаш преку видео ни прочитаа извадоци од нивни дела.

Затворајќи го „ПРО-ЗА Балкан“, директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски ја кажа втората анегдота што ја најави на отворањето, која одговара на прашањето зошто и во вакви времиња ни треба литературен фестивал.

-Ќе ја споделам приказната на нашиот лауреат од 2016 година, Георги Господинов. Имено, од сите признанија и награди, како своја најважна награда ја смета таа кога му стигнало писмо од непозната жена што му го пратила од болница. Од писмото, Господинов го издвојува делот од нејзините зборови: Откако ја прочитав „Физика на тагата“,  почувствував дека сѐ уште ми се живее – рече Трајкоски.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката.