Довчерашниот чувар на мрежата на Арсенал и освојувач на ФА Купот и Комјунити Шилдот во изминатите два месеци, Емилијано Мартинез, се сели во Бирмингем во тимот на Астон Вила.
Топџиите за неговите услуги ќе добијат 20 милиони фунти, а мотивот за напуштање на тимот во кој аргентинскиот голман има поминато една деценија е првотимскиот статус. Иако Мартинез одлично бранеше во пост-корона периодот по повредата на Лено, Микел Артета не можел да му вети загарантирано стартно место во составот.
Поради тоа, Мартинез стана новото засилување на Вила, која е поприлично активна во летниот трансфер период. Капитенот Грилиш вчера го продолжи договорот, Оли Воткинс од Брентфорд ќе биде најистурениот играч од нападот на тимот на Дин Смит, а некогашниот младинец на Челзи, Бертранд Траоре, ќе го заземе местото на десната страна во навалната линија.
-Многу сме задоволни со ова засилување. Знаеме колку беше вреднуван и почитуван од страна на Арсенал и ги следевме внимателно неговите партии за тој клуб минатата сезона. Штом наиде прилика, ние веднаш реагиравме. Тешко е да пронајдеш топ голман во зенитот на кариерата, изјави тренерот на Астон Вила, Дин Смит.
Мартинез се заблагодари на стариот клуб и емотивно се збогуваше од навивачите преку видео порака. Во новиот, Мартинез ќе се задржи четири години.