Телото никогаш не лаже – ова е нешто што менаџерите за човечки ресурси го знаат подобро од претставниците на сите останати професии. Кога ќе сретнат личност чии зборови го говорат спротивното од она што го кажува телото, тие го елиминираат таквиот кандидат. Вашите одговори на прашањата за време на разговорот за работа не се единственото нешто што може да ви ги осигура или расипе шансите за работа. Говорот на телото исто така игра голема улога. Во продолжение прочитајте кои гестови треба да ги избегнувате за да не ја пропуштите работата што ја посакувате.
Го допираат вратот
Кога луѓето се под стрес често имаат потреба да го покријат вратот, бидејќи на овој начин се обидуваат да го заштитат најзагрозениот дел од телото. Притоа, мажите со дланките притискаат од страна, додека жените го допираат предниот дел на вратот. Ваквиот гест може да ја издаде личноста која е несигурна во себе, или да биде знак дека е загрижена поради нешто. Менаџерот може да се посомнева дека нешто се крие од него и поради тоа нема да му верува на соговорникот.
Седат со прекрстени нoзе
Повеќето луѓе сакаат да седат со прекрстени нозе, меѓутоа ова може да делува како заземање одбранбена позиција. Освен тоа, кога седите така тешко ќе ја промените положбата на телото без да привлечете внимание. Експертите советуват дека двете нозе треба да се спуштени на подот.
Го креваат едното рамо над другото
Асиметричното држење е знак за слаба и неодлучна личност. Меѓутоа вистинската „опасност“ од ваквото држење на телото е тоа што негативно влијае на хормонскиот статус. Освен тоа, едно истражување покажало дека менаџерите прво ги отфрлаат кандидатите што всушност заземале таква положба.
Ги кријат рацете
Рацете често може да ја издадат нашата вознемиреност, па несвесно ги криеме од љубопитните погледи. Ако ги држите рацете така што тие може да се видат од страна на соговорникот, ќе оставите добар впечаток кај менаџерот. Отворените дланки би можеле да го уверат во вашата искреност.
Премногу често местење на косата
Навиката постојано да се поправа фризурата предизвикува нервоза кај соговорникот. Тоа покажува дека не умееме да владееме со себе и да се носиме со ситуацијата. За да престанете да се нервирате сосредоточете се на дишењето.
Извор: uspesnazena.com