Колку траеше среќата на жителите на Лабуниште, денес повторно активиран еден од каменоломите – ММС
ММС

Објавено на: 09/15/20 2:39 PM

Колку траеше среќата на жителите на Лабуниште, денес повторно активиран еден од каменоломите

Само  неполни четири  месеци траеше мирот на жителите на селото Лабуништа. Пред толку време Владата еднократно  раскина пет договори за концесии за експлоатација на минерални суровини, во непосредна близина на селото.  Денес  механизацијата  повторно се врати на еден од каменоломите и покрај одлуката за раскинување на концесиите и покрај тоа што концесионерите се жалеа и изгубија на суд.

Договорот за раскинување на концесиите се почитуваше , вели Алим Саловски,  жител на Лабуниште и претседател на Е.Д “ Натура Лаб“, но денес гледаме повторно активности на еден од каменоломите, што според одлуката за едностраното раскинување на концесиите, значи работа на црно.

„ За овие активности пријавивме во Полиција а веќе за попладне ќе се состанеме и ќе се договориме за нашите натамошни постапки.  Најверојатно,  покрај прријавите до сите надлежни инспекциски служби,  можно е повторно активирање на протестите за да се реагира навреме. И без концесија се работи , што значи на диво. Државата треба да си ги земе во раце своите одговорности и оваа работа да се заврши еднаш засекогаш“, вели Саловски.

Со затварањето на каменоломите селото и природата како да процветаа, ја снема прашината на тревата и  растенијата  а  состојбата  едноставно  влијаеше и на психата на луѓето, кои станаа послободни и посреќни, вели Саловски

„Со самото затварање на каменоломите, природата оживеа. Полето покрај каменоломот, кој што денеска се активира, во изминатиот период  се исчисти од таа бела прашина што беше на тревата, растенијата. Милина за гледање“, додава Саловски.

Според  него жителите нема да дозволат да се повтори состојбата  кога од прашина се гушеа и луѓето и природата.

На 27 мај оваа година тогаш Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека

еднострано се раскинуваат пет концесии за неметалични минерални суровини во околината на Лабуништа.

Овие концесии , според образложението, се  одземени со цел да се заштити здравјето на локалното население, но и на животната средина во овие региони.